Октоберфест заврши – полицијата немаше многу работа оваа година

Се испиja седум милиони литри пиво, а продажбата на храна е зголемена за девет отсто. Најмногу се јадело „Хендл“, како што го нарекуваат печено пилешко во Баварија.

од Vladimir Zorba
9 прегледи

Рекордот по број на посетители не беше соборен, но повеќе храна имаше на овогодинешниот фолк фестивал во Минхен. Полицијата немаше многу работа – барем според стандардите на Октоберфест.

Помалку посетители од минатата година

Според организаторите, оваа година на Октоберфест во Минхен се забавувале 6,7 милиони луѓе.

Рекордот не беше соборен бидејќи лани ливадата на Тересија ја посетија 7,2 милиони луѓе – што е логично затоа што тогаш оваа национална прослава траеше два дена подолго од вообичаеното.

„Ова беше многу мирен и релаксиран Октоберфест“, рече шефот на организацискиот комитет Клеменс Баумгертнер од баварската Христијанско-социјална унија.

Поради неодамнешниот терористички напад во Солинген годинава беа зголемени безбедносните мерки и тие „исклучително добро функционираа“, објави организаторот.

Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман објасни дека има засилени контроли на влезовите во областа каде се одржува забавата, проширен е видео надзорот, а на должност има повеќе полицајци од вообичаено.

„Успешно е постигнат баланс помеѓу високото ниво на безбедност и релаксирана забава“, рече Херман.

Помалку злосторства

Минхенската полиција соопшти дека иако имало повеќе интервенции (1.764) од лани, евидентирани се помалку кривични дела. На Октоберфест се пријавени вкупно 706 кривични дела, што е за околу 24 отсто помалку од лани. Имаше најмногу случаи на нанесување физички повреди.

Организацијата за итна медицинска помош „Eichher Ambulance“, одговорна за сите медицински интервенции на Октоберфест, рече дека има помалку работа од вообичаено.

Вкупно лекарска помош им била укажана на 5.346 лица, што е за околу 29 отсто помалку од лани. Третина од случаите биле поврзани со интоксикација, главно поради прекумерна количина на алкохол. Највисоката измерена количина на алкохол во крвта била 3,78 промили.

Пред две години беше забележан еден смртен случај на Октоберфест. Италијански турист (50) од засега непознати причини се онесвестил во шаторот, а подоцна починал во болница во Минхен. Причината за смртта е непозната.

Се јадеше повеќе

Времето овојпат беше променливо, особено во втората половина на Октоберфест. И покрај тоа, шаторите беа главно полни, а гостите беа склони да трошат, рече Питер Инзелкамер.

Испиени се седум милиони литри пиво, а продажбата на храна е зголемена за девет отсто. Најмногу се јадело„Хендл“, како што го нарекуваат печено пилешко во Баварија.

Иако, како и обично, годинава постојано се пееше и славеше, ниту една песна не се издвои како особено популарна, па не беше прогласен ниту еден „хит за 2024 година“.

Во канцеларијата за изгубен имот најмногу се предавале паричници, банкарски картички и женски чевли. Имаше и необични изгубени предмети, како што се трегери за баварски кожени панталони, венчални прстени или влошки против ноќно шкрипење на забите.

Како се одредува бројот на посетители?

Организаторите не го бројат секој гостин поединечно, но проценката на бројот на посетители е сложен процес. Се утврдува густината на редиците кои пристигнуваат на ливадата на Тересија и зафатеноста на шаторите, а потоа експертите врз основа на нивното искуство го проценуваат бројот на посетители.

За да се провери точноста на проценката, се користат дополнителни параметри, како што се количината на потрошено пиво и потрошувачката на електрична енергија, гас и вода. За да се процени учеството на странските гости, се земаат предвид податоците за продажбата на сувенири.

Исто така, организаторот може да добие пристап до анонимниот број корисници на мобилни телефони, што дава прилично сигурна слика.

Слични содржини