Русите тврдат дека го погодиле системот Патриот во Украина

од Nikola Popovski
42 прегледи

Руската армија денеска соопшти дека погодила два американски системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ во Украина, а Киев потврдил дека е извршен напад врз тоа скапоцено оружје, но без голема предизвикана штета.

Украина има повеќе системи „Патриот“ што ѝ ги доставуваат нејзините западни сојузници и ги користи за да се спротивстави на секојдневните руски напади.

-Руската војска „погодила два системи Патриот“, соопшти руското Министерство за одбрана во дневниот извештај, без да прецизира кога тоа се случило.

Претходниот ден, руската војска објави воздушна снимка преку Телеграм, на која вели дека покажува ракета Искандер како погодува систем Патриот во украинскиот регион Дњепропетровск, во централно-источниот дел на земјата.

Според тој извор, фрлачот на системот Патриот бил уништен, а другиот е оштетен.

Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Игнат денеска потврдил дека таков систем бил погоден во рускиот напад во средата во областа Дњепропетровск.

„Непријателот оштети само неколку парчиња опрема, но не ги уништи“, рекол тој и додал дека истиот тим продолжува да ги извршува задачите во регионот.

Тој додал дека системот вчера се соочил со група руски балистички ракети и дека тие биле пресретнати.

-Ова е редок официјален коментар за системите Патриот, пишува агенцијата Франс прес, додавајќи дека Украина ги чува во тајност речиси сите информации за ова оружје, почнувајќи од тоа колку од нив поседуваат.

Слични содржини