„Во круг од 300 метри од мојата куќа сите имаат рак“: Приказна за Балканот, каде многу градови страдаат од загаден воздух

од Vladimir Zorba
62 прегледи

„Јагленот донесе просперитет и болест во Босна“. Реченицата кажана од работник во 1990-тите ја дефинираше борбата на местата кои се соочуваат со загадување предизвикано од една од нејзините главни индустрии, пишува „Политико“.

„Овде во Зеница, сите сме болни, само некои не знаат дека се уште се болни“, рече активист со кој новинар на „Политико“ се сретна на неговото патување во Босна во 2019 година.

Две години подоцна, активистот почина од рак на белите дробови.

Зеница, град со приближно 100.000 жители, кој се наоѓа на околу 70 километри северно од Сараево, е еден од најзагадените градови во Босна и Херцеговина. Според локалната еколошка организација Еко Форум, главен извор на загадување е огромната фабрика за челик во сопственост на „Арцелор Митал“. Оваа фабрика, која е речиси колку самиот град, произведува енергија со согорување на јаглен, пишува „Политико“.

Ваквата состојба предизвикува загриженост кај жителите на градот и околните места за нивното здравје и иднина.

Алма од селото Тетово, во близина на индустрискиот центар Зеница, изјави дека во тој крај се преселила по бракот, пред повеќе од четири децении.

„„Тогаш многу луѓе работеа во фабриката, но денес состојбата е страшна. Во круг од 300 метри од мојата куќа, сите имаат рак“.

На Алма ѝ бил дијагностициран рак на желудникот во 2021 година.

Ова не е само приказна за Зеница или Босна и Херцеговина, туку и поширока приказна за Балканот, каде што бројни градови и населени места страдаат од сериозно загадување на воздухот предизвикано од застарените индустрии за јаглен и термоелектрани, отворени рудници за лигнит и депонии за пепел.

Според извештајот на Хјуман рајтс воч, Босна и Херцеговина е петта по највисока стапка на смртност предизвикана од загадениот воздух во светот.

Во регионот, каде што се наоѓаат седум од десетте најзагадувачките електрани на јаглен во Европа, концентрациите на загадувачи се пет пати повисоки од границите поставени од Европската унија, открива Програмата на Обединетите нации за животна средина.

За време на годините на истражување на индустриските градови како Зеница, Тузла, Бановиќи и други загадени места, новинарот на „Политико“ откри неверојатна земја, погодена од војна, но решително оптимистична со надеж дека членството во ЕУ ќе донесе подобрувања во однос на животната средина и ќе го отвори патот кон посветла иднина.

Слични содржини