Миграциската политика на ЕУ може да биде одржлива само ако ефективно се вратат оние кои немаат право да останат во ЕУ“, напиша Фон дер Лајен во писмото испратено до главните градови.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави усвојување на закон за отстранување на голем број мигранти без право да останат во Европската унија.
„Сепак, само околу 20 отсто од државјаните на трети земји на кои им беше наредено да заминат, всушност се вратија“, додаде таа.
Новиот закон треба да ги дефинира обврските на повратниците и да го поедностави процесот на враќање, напиша таа. Подготвувањето на предлогот ќе биде приоритет на новиот комесар за миграција, кој треба да ја преземе функцијата на крајот на годинава.
Во писмото, испратено пред самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, кој започнува во четврток, фон дер Лајен, исто така, изразува загриженост за луѓето раселени поради конфликтот на Блискиот Исток.
Повеќе од еден милион луѓе се раселени во последните недели „со јасна можност за дополнително меѓународно раселување“, напиша таа, повикувајќи ги лидерите на ЕУ „да работат на планирање вонредни ситуации“.
Миграцијата најверојатно ќе доминира на претстојниот самит на ЕУ, откако Полска неодамна ги објави плановите за привремено суспендирање на правата за азил.
Варшава ги обвинува рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко дека туркаат мигранти до полската граница за да ја дестабилизираат ЕУ и да ја поткопаат нејзината безбедност.
„Потребен ни е јасен и одлучен европски одговор за да се спротивставиме на овие активности, не дозволувајќи им на Русија и Белорусија да ги користат нашите сопствени вредности против нас“, напиша Фон дер Лајен до лидерите на ЕУ.
Претседателот на Комисијата индиректно ги критикуваше и граничните контроли во безвизната зона на блокот, Шенген зоната, која во моментов ја спроведува Германија.
„Повторното воведување на граничните контроли треба да биде последната мерка“, напиша таа.
Бројот на откриени илегални премини на границите на Европската унија е намален за 42 отсто од јануари во споредба со истиот период минатата година, објави во вторникот европската агенција за гранична контрола Фронтекс.
Најзначајниот пад е забележан на западнобалканската рута (-79%) и централно-медитеранската рута (-64%), додека илегалните премини од Западна Африка се удвоија (+100%) и речиси тројно се зголемија на источната копнена граница на ЕУ со Полска, (+192 %), покажуваат податоците на Фронтекс.