АХВ: Водата во Струмица и Василево уште не е безбедна за пиење, има опасни нивоа на амонијак и манган

од Илинка Илиоска
10 прегледи

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги доби резултатите од земените мостри вода од 8 мерни места во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор на АХВ на акумулацијата “Турија” на 4 овој месец, а од каде ЈКП “Комуналец” Струмица ја обезбедува водата за градскиот водовод во Струмица. Ниту една од осумте анализирани мостри во лабораториите на ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија, не одговараат на параметрите за безбедност во однос на испитаните параметри од физичко – хемиската анализа, стои во одговорот од АХВ кој го побара МИА за квалитетот на водата од акумулацијата „Турија“.

Во одговорот од АХВ се додава дека мострата вода после таложник, земена од Фабриката за обработка на вода Струмица не е безбедна поради утврдена зголемена содржина на амонијак и манган, исто како и земените мостри од ЈКПД „Комуналец Стопански двор“ Струмица и мострата од резервоар Свети Петнаесет – Струмица.

-Поради зголемени вредности на параметрите матност и присуство на амонијак не е безбедна ниту сировата вода земена од Фабриката за обработка на вода –Струмица, а поради зголемена матност, присуство на амонијак над дозволените граници и утврдено значително зголемено присуство на манган, небезбедна е и мострата вода која е земена фабриката за обработка на вода од ЈКПД „Комуналец“ Струмица земена пред таложник, стои во информацијата од АХВ.

Се потенцира дека зголемена содржина на манган е утврдена и кај анализираните мостри вода земени после филтри од ЈКПД „Комуналец“ Струмица, Фабрика за обработка на вода, површинска вода – зафатна вода од акумулација „Турија“, кај која е утврдено и зголемена матност. Согласно резултатите од ЈЗУ Институт за јавно здравје, ниту овие две мостри не одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри од физичко – хемиската анализа.

-Поради небезбедност на сила останува изречената забрана од Агенцијата за храна и ветеринарство за употреба на водата за пиење од водоводната мрежа на ЈКПД „Комуналец“ од Струмица, се наведува во информацијата. Инаку, Струмица и шест населени места веќе дваесет денови се без вода за пиење, а од 8 овој месец водата за пиење е забранета за употреба и во Општина Василево, која исто така со вода се снабдува од акумулацијата „Турија“.

Слични содржини