Мицкоски по Берлин: Поголем оптимизам за евроинтеграциите, но писмото до ЕУ под знак прашање

од Илинка Илиоска
50 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски, по учеството на самитот на Берлинскиот процес и средбите со европски лидери, изрази зголемен оптимизам за евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Иако шефицата на германската дипломатија Бербок  таму изјави дека преговорите со ЕУ не може да стартуваат без уставни измени, Мицкоски истакна дека посетата во Берлин му донела нови надежи и сега е во дилема дали да го испрати писмото до Европската унија.

„Имавме посета која ме направи поголем оптимист отколку што бев пред посетата,“ рече Мицкоски на прес-конференција во Владата.

Премиерот откри дека на маргините на самитот, за време на работен ручек и други средби, дискутирал со европски лидери, вклучувајќи ја и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

„Сметам дека се што беше споделено и дискутирано има додадена вредност, особено во контекст на мојата порака за одбрана на националните интереси и интеграција на земјата во Европската унија,“ рече тој.

Во врска со коментарите за одбиените македонски предлози од германскиот претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, Мицкоски одби да ги коментира, но потврди дека останува на ставот дека Северна Македонија ќе продолжи да се бори за европските вредности.

„Ќе продолжиме да ги решаваме проблемите дома, но ќе се бориме надвор со сите сили врз основа на Копенхагеншките критериуми и вистинските вредности на ЕУ,“ додаде тој.

Мицкоски увери дека неговиот приоритет останува на заштита на националните интереси и евроинтеграцијата на земјата.

„Мојата порака до граѓаните е дека однесувањето на оваа влада и мене како премиер ќе разочара само една група луѓе, а тоа е опозицијата. Нема да ги изневерам очекувањата на граѓаните ниту да ги напуштам одредниците што значат интерес на огромно мнозинство македонски граѓани,“ нагласи тој.

Во врска со писмото до Европската унија, Мицкоски рече дека по средбите со европските челници во Берлин има дилема дали тоа ќе биде неопходно, бидејќи главните точки веќе се презентирани во разговорите.

„Имајќи предвид дека претседателката на Комисијата доаѓа на 24 октомври, имавме можност да разговараме неофицијално на маргините на самитот на Берлинскиот процес,“ рече Мицкоски.

Слични содржини