Зеленски: 10.000 севернокорејски војници веќе се во Украина, се борат на страната на Русија

од Илинка Илиоска
53 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска во Брисел дека околу 10.000 севернокорејски војници се на украински територии за да ги поддржат руските сили.

„Имаме информации од нашите разузнавачки служби, знаеме дека околу 10.000 севернокорејски војници се подготвуваат да се борат против нас“, рече Зеленски на прес-конференција во Брисел.

Пред тоа, Зеленски го претстави својот победнички план пред лидерите на земјите-членки на ЕУ, кои се собраа на самитот.

Тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин се плаши од јавноста во земјата, која не поддржува мобилизација на младите Руси и затоа сака да ги пополни своите сили со странци.

Првата точка од неговиот победнички план е да добие покана за членство во НАТО.

„Поканата за Украина за членство во НАТО ќе биде одлучувачка и секако членството нема да следи веднаш, туку подоцна“, рече Зеленски, додавајќи дека Путин мора да сфати дека „неговите геополитички калкулации немаат смисла“.

Украинскиот претседател изјави дека со поранешниот американски претседател и актуелен претседателски кандидат Доналд Трамп разговарал за членство во НАТО.

Во тој контекст го спомена меморандумот од Будимпешта, според кој Украина се откажа од нуклеарното оружје во замена за гаранција за безбедност и територијален интегритет во меѓународно признатите граници.

„Му реков на Доналд Трамп дека или ќе продолжиме да имаме нуклеарно оружје што ќе биде заштита за нас или треба да бидеме во Алијансата. Мислам дека Трамп ме слушна, тој рече: „Имате добри аргументи“, рече Зеленски.

Слични содржини