Д-р Даниловски: Ризиците од заразување со птичји грип се мали, бидете спокојни

од Илинка Илиоска
75 прегледи

По потврдата за присуството на високопатоген вирус на птичји грип А (H5N1) кај угината птица во скопската зоолошка градина и брурните реакции кои се појавија во јавноста, универзитетскиот професор и епидемиолог д-р Драган Даниловски на својот фејсбук се обиде да ја смири атмосферата, нагласувајќи дека случајот не претставува потенцијална закана за јавното здравје

„Мутации кај вирусот се случуваат кога циркулира меѓу големи популации на животни (во случајов птици), со што може да ја зголеми патогеноста. Но, една угината птица од која е изолиран вирусот не мора да значи дека цела зоолошка градина и цел парк се со заразени птици.

Мерките што Агенцијата за храна и ветеринарство ги презеде (колку и да изгледаат отстрана драматично) – и што ќе ги презема наредните денови, се легитимни и легални. АХВ го превенира ширењето со ригорозни мерки, без толеранција, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца. Тоа е за поздравување.

Кој е под ризик да се зарази? Практично, исклучиво птиците. Ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина.
Нема овде многу работа за Институтот за јавно здравје, ниту за Центарот за јавно здравје, освен здравствен надзор над граѓаните што ја посетиле Зоолошката градина и вработените. Сепак, за нивно заразување ризиците се минимални.

Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина.

Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо.
Преносот од човек на човек е многу редок. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ.

Периодот на инкубација се движи просечно од 2 до 5 дена, па и до 17 дена.

Знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).

Стапката на смртност од инфекција со A(H5N1) кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50%, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип. Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен.

Наспроти сѐ, место за страв не треба да има, зашто, ризиците за заразување навистина се занемарливо мали. Бидете си спокојни“, вели д-р Даниловски.

Слични содржини