Командант на 401-та оклопна бригада на израелските одбранбени сили (ИДФ), полковник Ехсан Дакса, беше убиен вчера за време на борбите во северниот дел на Појасот Газа. 41-годишниот Дакса е еден од највисоките офицери кои загинале во борбите во Газа. Вкупно шест полковници на ИДФ се убиени од почетокот на конфликтот, од кои четворица беа убиени за време на упадот на Хамас на 7 октомври минатата година.
Воената истрага покажа дека Дакса бил пред неговиот тенк со други офицери кога се случила експлозијата.
Според истрагата, Дакса, командантот на 52-от баталјон на бригадата и уште двајца офицери излегле од своите тенкови во Џабалија и тргнале кон набљудувачката станица. Меѓутоа, тие упаднале во замка на Хамас бидејќи местото било минирано. Следувала експлозија.
Дакса загина на лице место, командантот на 52-от баталјон е тешко повреден, додека двајцата преостанати офицери поминале со полесни повреди.
Дакса ја презеде командата на 401-та бригада во јуни. На 7 октомври минатата година, иако не беше на должност, отиде во јужен Израел да се бори против нападот на Хамас. Тој водеше контраофанзива во област окупирана од милитанти, пишува Тајмс оф Израел.
Инаку ИДФ започна нова офанзива во Џабалија претходно овој месец, велејќи дека има разузнавачки информации за оперативците на Хамас и инфраструктурата во областа.