Премиерот Христијан Мицкоски денес, во своето обраќање на 20. Европски самит во Салцбург, посветен на ЕУ и реформите, изрази загриженост за тоа дека државата е во застој поради нерационален и билатерален спор. Тој рече дека се бара конструктивно решение кое ќе биде прифатливо за сите страни, без да има уцени или условувања.
Мицкоски истакна дека дури и да се прифатат уставните измени за внесување на Бугарите, не постојат гаранции дека тоа ќе биде последниот услов, и дека нема да се појават нови барања во блиска иднина.
„Ние како Влада сме посветени на изнаоѓање на решение и активен дијалог. Едно од решенијата секако е да се примени формулата веќе применета во Преспанскиот договор за одложено дејство, поточно во моментите кога ќе влеземе во Европската Унија, тогаш тие одлуки во Уставот да станат активни, што секако претставува заштитен механизам од подоцнежни условувања,“ изјави Мицкоски.
Во своето излагање, тој ги потенцираше дека “досегашните тешкотии и вештачки создадени спорови со источниот сосед“, додавајќи дека државата бара конструктивно решение, без уцени и условувања.
„Ако Преспанскиот договор беше прогласен за ремек-дело на европската дипломатија, тогаш зошто да не се примени истиот принцип и за решавање на спорот со Бугарија? Тоа би значело трајно и одржливо решение за ова прашање,“ додаде премиерот.
Инаку, преспанскиот договор предвидува преоден период во кој делови од него стапуваат во сила за време на отворањето на секое поглавје во преговорите со Европската унија, што според Мицкоски може да биде успешен пример за применување и во овој случај.