Сиљановска – Давкова ги повика на состанок членовите на Комисијата за помилување

од Илинка Илиоска
42 прегледи

Шестмината членови на Комисијата за помилување попладнево се на состанок со претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во „Вила Водно“ по жестоките реакции во јавноста околу неколку имиња кои се најдоа на листата на помилувани по повод празникот „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“, објави Гласот на Америка на македонски јазик.

Дали претседателката Сиљановска – Давкова ќе бара одговори или одговорност или двете засега нема информација.

Претседател на Комисијата за помилување е проф. д-р Методија Каневчев, а за членови на комисијата се именувани проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска, Саше Димовски и Ајтен Шаќири.

Еден ден по помилувањето, Акиф Равмановски, еден од водачите на криминалната група „Барон“ од скопски Чаир повторно се најде зад решетки. Тој денес беше пуштен од затворот „Идризово“ каде издржуваше казна од 1 година и три месеци заради нелегално поседување на оружје бидејќи беше помилуван од претседателката Сиљановска – Давкова и казната беше заменета со условна и веднаш уапсен. Равмановски се сомничи за обид за убиство во инцидент кој се случи пред десетина дена во скопски Чаир каде беше застрелан член на ривалскиот клан од селото Грчец, инаку баран со меѓународна потерница.

„Денеска (24.10.2024) во Скопје полициски службеници од СВР Скопје, го лишија од слобода А.Р. (29) од с.Арачиново во врска со кривично правен настан случен на 14.10.2024 на територија на Чаир, каде што од огнено оружје бил повреден Е.А. (35) од Скопје. По преземени мерки и активности и изготвените вештачења од страна на Одделот за форензички испитувања при МВР, утврдено е дека сторител е А.Р. и од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје во координација со ОЈО Скопје денеска (24.10.2024) поднесена е кривична пријава по брза постапка против А.Р. за кривично дело „убиство”, предвидено и казниво по член 123 во врска со член 19 од КЗ на РСМ“, стои во официјалната информација на МВР.

 

Слични содржини