Албанскиот премиер Еди Рама утре во Њујорк ќе одржи уште една од најавените серија средби со албанската дијаспора, што ги почна во мај годинава.
Тој веќе е во Њујорк и споделувајќи фотографии со објекти на кои се поставени плакати за средбата, што ќе се одржи под мотото „Горд за Албанија“, тој ја коментираше и политичката ситуација во земјата.
-Во Њујорк на средба со Албанците од Америка. Горд за Албанија, за која денес се зборува во суперлатив насекаде во светот и целосно свесен за извонредните предизвици на патот до врвот во 2030 година, кога со моќта на нашиот сојуз и покрај политичко-медиумската борба во Тирана, ќе го кренеме знамето на Скендербег и Исмаил Ќемали (прв албански премиер кој ја прогласил независноста на земјата) во дворот на Европската Унија, напиша Рама.