Експерименталната терапија во која радиоактивни инјекции директно се вбризгуваат во тумор на мозокот помогна да се намали туморот за половина кај 62-годишен пациент. Пол Рид, инженер од Лутон, е првиот пациент кој е подложен на оваа експериментална терапија, а лекарите се надеваат дека тоа би можело да претставува голем напредок во лекувањето на ракот, објави денеска Би-Би-Си.
На Рид му бил дијагностициран глиобластом, вид на рак на мозокот од кој повеќето пациенти умираат во рок од 18 месеци. И покрај операцијата, која била проследена со радиотерапија и хемотерапија, лекарите во јуни му рекле на Рид дека туморот повторно расте.
Лекарите му понудиле шанса да стане првиот пациент на клиничко тестирање на новата терапија спроведена од Лондонската фондација Универзитетски болници (UCLH).
Како дел од експерименталниот третман наречен „CITADEL-123“, хирурзите отстрануваат што е можно повеќе од туморот пред да вметнат мал медицински уред во черепот кој е директно поврзан со туморот со помош на цевка.
Медицинскиот тим потоа директно го инјектира лекот „ATT001“ во туморот, кој помага да се поправи оштетената ДНК во клетките со мали количини на радиоактивност.
Лекот, кој се дава еднаш неделно во период од четири до шест недели, ги убива клетките на туморот, но не им штети на здравите клетки.
„Оваа експериментална терапија беше спас за мене, пресреќен сум што ми се укажа шанса да бидам дел од ова клиничко тестирање“, изјави Рид.
Онкологот и консултант на „UCLH“, Пол Малхоланд, рече дека намалувањето на туморот на Рид е извонредно достигнување со оглед на тоа што се работи за многу агресивен рак.
„Нашата цел е да ја излечиме оваа болест“, рече тој, додавајќи дека туморите на мозокот не метастазираат низ целото тело, така што насоченото вбризгување на лекот директно во туморот е вистинскиот пристап за лекување.