Развојот на ситуацијата во северниот дел на Појасот Газа е „апокалиптичен“, изјавија денеска лидерите на организациите на Обединетите нации, предупредувајќи дека целото население е во „непосредна опасност“ од смрт. Тие изјавија дека целиот регион на Блискиот Исток сега е на работ и повикаа на итен прекин на непријателствата, пренесува Гардијан.
„Ситуацијата што се развива во Северна Газа е апокалиптична“, се наведува во заедничката изјава на шефовите на организациите кои го сочинуваат Постојаниот меѓуагенциски комитет на ОН.
„Областа е под опсада речиси еден месец, основната помош и средствата за спасување животи се одбиени, додека бомбардирањата и другите напади продолжуваат. Само во изминатите неколку дена беа убиени стотици Палестинци, повеќето жени и деца, а илјадници повторно беа насилно раселени. Целото палестинско население во северна Газа е во непосредна животна опасност поради болести, глад и насилство“, изјавија тие.
Тие ги повикаа сите страни во борбите на опколената палестинска територија да ги заштитат цивилите и апелираа до Израел „да ги запре нападите врз Газа и хуманитарците кои се обидуваат да помогнат“.