Русите повторно се мешаат во изборите во САД: „Дали Харис примила поткуп од 500.000 долари од Диди“

од Nikola Popovski
50 прегледи

Само неколку дена пред претседателските избори во Соединетите Американски Држави, разузнавачките служби предупредуваат на кампања за дезинформации што доаѓа од Русија, објави во саботата германската агенција „DPA“.

Разузнавачките служби ја обвинија Русија за видео кое „лажно прикажува поединци кои тврдат дека се од Хаити и нелегално гласаат во повеќе окрузи во (американската држава) Џорџија“. Друго лажно видео обвини „поединец поврзан со демократски кандидати за примање мито од американски забавувач“.

Разузнавачките служби во своето соопштение не дадоа повеќе детали. Но, американските медиуми објавија дека видеото, кое почнало да кружи кон крајот на оваа недела, тврди дека потпретседателката Камала Харис и нејзиниот сопруг добиле 500.000 долари мито од раперот Шон „Диди“ Комбс.

Во заедничко соопштение, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ОДНИ), Федералното биро за истраги (ФБИ) и Агенцијата за сајбер безбедност и инфраструктурна безбедност (ЦИСА) ги обвинија „руските актери на влијание“ за видеата. Службите соопштија дека одредени случаи припаѓаат на „пошироки напори“ на Москва „неосновано да го доведе во прашање интегритетот на американските избори и да поттикне поделби меѓу Американците“.

Државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, одговорен за изборите во една од клучните држави, рече дека видеото во Џорџија „е лажно и е пример за целната дезинформација што ја видовме на овие и на другите избори. Веројатно е странско мешање што сака да шири раздор и хаос пред претседателските избори во 2024 година“.

Рафенспергер го повика сопственикот на X, Илон Маск и челниците на другите социјални платформи да го отстранат видеото. Видеото првично беше објавено од анонимен кориснички профил кој претходно беше пријавен за ширење дезинформации, за кои постои сомневање дека е од руско потекло. Видеото оттогаш е избришано.

Слични содржини