„Бројот на загинатите како резултат на рускиот напад на Запорожје се искачи на осум, а меѓу нив има и едногодишно момче“, изјави вчера гувернерот на областа Запорожје, Иван Федоров на својот профил на „Телеграм“, додавајќи дека се повредени 42 лица.
Спасувачите од урнатините извлекле две повредени деца и една жена, изјави тој претходно.
Бомби вчера погодија болница и станбени згради во Запорожје, соопштија локалните власти. Во пристанишниот град Одеса, украинските служби за итни случаи соопштија дека во нападите синоќа едно лице загинало, а девет се ранети.
Како што се додава во соопштението, избувнале пожари во куќи и магацини.
На социјалните мрежи се појавија снимки од Одеса на кои се наведува дека руските сили ја гаѓале со ирански дронови со термобарични боеви глави.
Во Харков, вториот по големина град во Украина лоциран во североисточниот дел на земјата, најмалку 25 лица се ранети во текот на ноќта во руски напад врз станбена зграда, изјави градоначалникот Игор Терехов преку „Телеграм“.
„Бројот на ранети постојано се зголемува, моментално ги има 25“, рече тој.
Градоначалникот претходно изјави дека на третиот кат од станбената зграда има затрупани луѓе и дека спасувачките операции се во тек.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак исто така на мрежата Телеграм изјави дека Русите синоќа намерно нападнале станбен блок во Харков, како и дека со ракети го нападнале Киев.
Воената управа на Киев соопшти дека во главниот град е активирана противвоздушна одбрана.
Главниот град на Украина е цел на напади со беспилотни летала речиси секојдневно од почетокот на ноември и во текот на дваесет дена од октомври, според воената администрација.
Шефот на рускиот Совет за безбедност Сергеј Шојгу ги повика западните сојузници на Киев да започнат преговори со Москва доколку сакаат да стават крај на нападите врз Украина, пишува Франс прес.