ДКСК го блокира назначувањето на нови членови во управниот одбор на Академијата за судии

од Илинка Илиоска
47 прегледи

Антикорупциската комисија донела одлука да се стават вон сила одлуките на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители за назначување на четворица нови членови во управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. ДКСК утврдила дека овие одлуки се во спротивност со Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и со Законот за избор на членови на Академијата.

Според Антикорупциска, истите лица кои веќе се дел од овие советски тела не можат да бидат и членови на управниот одбор, бидејќи тоа создава недозволена акумулација на функции и потенцијален судир на интереси, што може да влијае на процесите на прием и избор на кандидати за судии и јавни обвинители.

Како што изјави Билјана Каракашова Шулев, членка на ДКСК: „Во конкретниот случај освен што постои недозволена акумулација на функции кај едно исто лице, таквата состојба претставува и постоење на континуиран, потенцијален судир на интереси“.

Предходно, Судскиот совет номинирал Антоанета Димовска и Ханиф Зендели за членови на управниот одбор, додека Советот на јавни обвинители ја номинирал Душица Димитриевска и уште еден член од својот состав. Властите претходно укажаа дека овие одлуки претставуваат кршење на законот и дека водат до поставување на луѓе блиски до опозицијата во Академијата. Со забелешки се јавија и од невладината Коалиција за правично судење, кои посочуваат дека назначувањето на лица од истите тела во Академијата создава ризик од корупција и судир на интереси.

Слични содржини