Макроекономисти: На Русија и се заканува стагфлација

од Vladimir Zorba
13 прегледи

Курсот на доларот на меѓународниот девизен пазар во петокот достигна 100,35 рубљи, додека во четвртокот првпат по 13 месеци надмина 100 рубљи. Пред тоа доларот последен пат достигна вредност од 100 рубљи во октомври минатата година.

Според официјалниот курс на Централната банка на Русија заклучно со четвртокот, доларот вредеше 98,3 рубљи. Министерството за економија на Русија предвидува дека курсот на доларот ќе биде 93,8 рубљи на крајот на 2024 година. До крајот на 2025 година се очекува вредност од 98,7 рубљи, додека на крајот на 2026 година доларот ќе достигне 101 рубља, а една година подоцна и 105 рубљи, пренесе Комерсант.

На почетокот на ноември, официјалниот курс на доларот надмина 98 рубљи за прв пат во една година. Пазарната стапка на еврото во петокот достигна 105,94 рубљи. Рубљата, исто така, падна на годишно ниво во однос на кинескиот јуан во петокот, на 13,88 јуани.

Јакнењето на доларот на рускиот пазар е во тек од август поради олеснување на барањата за продажба на заработка од извоз. Последниве денови на динамиката на американската валута влијаеше нејзиното зајакнување на светскиот пазар по победата на Доналд Трамп на претседателските избори. Експертите не очекуваат драстични потези на владата, бидејќи слабата рубља фаворизира раст на буџетските трошоци.

Поради заострувањето на монетарната политика, руската економија е под ризик од стагфлација, пренесува „Известија“, повикувајќи се на Центарот за макроекономска анализа и краткорочни прогнози.

Ситуацијата може да се развие според сценариото „шок со пад на производството“, со висок ризик од банкроти на корпорации и зголемен број на неплаќања. Експертите предлагаат омекнување на монетарната политика, стабилизирање на курсот на рубљата и воведување поддршка за бизнисите.

Слични содржини