Емисиите на стакленички гасови во економијата на Европската унија во вториот квартал од оваа година се проценети на 790 милиони тони еквивалент на јаглерод диоксид, што е за 2,6 отсто помалку во споредба со истиот период лани. Според последните податоци на Евростат, емисиите се намалени во 19 земји од ЕУ.
Најголемо намалување, по сектори, е забележано во снабдувањето со електрична енергија и гас за 12,1 отсто, додека домаќинствата во ЕУ ги намалиле емисиите за 4,2 отсто.
Според Евростат, штетните емисии најмногу ги намалиле Холандија за 9,1 отсто, Бугарија за 6,3 отсто, Австрија и Унгарија за по 5,9 отсто.
„Од 19 земји на ЕУ за кои се проценува дека ги намалиле своите емисии, пет забележаа пад на БДП (Ирска, Финска, Естонија, Летонија и Австрија). Останатите 14 земји на ЕУ (Полска, Данска, Хрватска, Шпанија, Бугарија, Словачка, Португалија, Унгарија, Белгија, Италија, Чешка, Холандија, Франција и Германија) се проценува дека имаат намалени емисии додека го зголемуваат нивниот БДП“, според Евростат.
Ако го погледнеме пресекот за првиот квартал од 2024 година, имало 20 земји кои успеале, во споредба со истиот период минатата година, да ги намалат емисиите на гасови кои ја загреваат планетата. Водеа Бугарија (15,2 отсто), Германија (6,7 отсто) и Белгија (6 отсто).
Во исто време, додека бележат намалување на штетните гасови, осум земји имаа и намалување на БДП, а од друга страна, 12 земји успеаја да забележат пораст на БДП.