Мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР) ниту го демантира ниту го потврди тврдењето на Министерството за одбрана на Србија дека на 21 ноември група тешко вооружени косовски полицајци ја преминала граничната линија во селото Ќирковиќ, на територијата на општина Лепосавиќ.
КФОР во одговорот испратен до Радио Слободна Европа (РСЕ) наведува дека ситуацијата долж границата меѓу Косово и Србија е мирна и дека продолжува да го следи развојот на настаните.
„Имаме видливо и флексибилно присуство и сме добро позиционирани да одговориме на секое безбедносно сценарио, во согласност со нашиот повеќегодишен мандат заснован на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година“, вели тој.
На крајот од одговорот, КФОР упатува дека за ова конкретно прашање, односно дали косовската полиција ја поминала граничната линија или не, „да се обратите кај српските власти за други коментари“.
По ова, РСЕ повторно се обрати до КФОР за да прецизира зошто само српските власти се надлежни да дадат одговори по ова прашање, но одговор се уште нема добиено.
Косовската полиција во четвртокот, на 21 ноември, ги отфрли како невистинити тврдењата на Србија дека косовски полицајци неовластено ја преминале граничната линија со Србија.
„Ваквите написи, кои се пивикуваат на соопштение на Министерството за одбрана на Србија, се невистинити и не стојат. Оттука, овие пишувања и објавата како таква, се дезинформација која има за цел да создаде несигурност кај граѓаните од тој регион и да ја оцрни работата на косовската полиција“, се вели во реакцијата на косовската полиција.
Српското МО соопшти дека „неовластеното преминување на административната линија“ меѓу Србија и Косово претставува „опасна провокација и закана за мирот“ и додаде дека српската армија ја следи ситуацијата на терен и е подготвена да реагира согласно Воено-техничкиот од Куманово во 1999 година.