Покрај Германија, Ирска, Норвешка, Швајцарија и други богати европски земји популарни за живеење, делумно поради подобрите услови за работа, делумно поради подобрите услови за живот, има и некои нови неоткриени.
Имено, Ана од Италија за порталот Expat.com го сподели своето искуство од животот во Албанија. Таа тврди дека за нејзиниот живот во таа земја има многу предности во однос на нејзиниот живот во Италија. За време на краткиот одмор во Драч во ноември 2021 година, таа, нејзиниот сопруг и синот биле воодушевени од албанскиот град. Пониските трошоци и подобар квалитет на живот во споредба со Италија биле клучните причини за преселба, пренесува „Вечерњи лист“.
Откако добро размислиле, се одлучиле на тој радикален чекор, истражувале работни места во Албанија и решиле да се преселат на крајот на декември. Како главна причина, тие ги истакнаа економските прилики што ги доенела пандемијата на коронавирус. Ана работела во администрација до 2015 година, но останала без работа, а потоа имала привремени вработувања, вклучително и работа во дом за стари лица. Таа не можела да најде ништо со полно работно време.
Охрабрени од ситуацијата, таа и нејзиниот сопруг, кој е ИТ претприемач, размислувале да се преселат во Албанија, која има пониски трошоци за живот. Покрај благата клима, Драч ги привлекувал и со својата природа и со тоа што лежи покрај морето. Откако се преселила, Ана нашла работа за една недела. Разговарала со познаник и добила понуда за административна работа во албанска компанија која работи со Италија, што и олеснило да започне со работа благодарение на познавањето на јазикот и претходното искуство.
Таа посочува и дека трошоците за живот се многу помали, на пример, изнајмувањето стан од 100 квадрати е од 200 до 350 евра, додека во Италија тоа би било најмалку 700 евра. Трошоците за струја и вода во Драч се движат од 80 до 100 евра месечно, а свежата храна е поевтина и повкусна. Ана работи од 8 до 16:30 часот, со пауза за ручек. По враќањето дома има време за себе и за семејството.
„Уживаме да шетаме низ градот и плажата, а во лето истражуваме и други делови од Албанија“, вели таа.
Иако во компанијата користи италијански, сепак решила да научи албански и англиски јазик. Признава дека не очекувала дека нејзиниот живот ќе тргне во овој правец, и недостигаат нејзините блиски пријатели од Италија, но не жали за ништо.
„Дури и со помал приход можете да уживате во квалитетен живот“, вели таа.
Таа, сепак, додава дека платите генерално не се високи, но оние кои започнуваат сопствен бизнис или работат за меѓународни клиенти можат добро да заработат.