Како што е веќе познато, во Скопје владее штенечак и парво. Овие заразни болести за кучињата може да бидат многу опасни, а неретко се случува болните животни да угинат во тешки маки. Бамби беше едно од скопските улични кучиња, кое уште како бебе, некој го оставил во двор на една детска градинка. Имаше две скршени ноџиња. Но, тоа не беше единствениот здравствен проблем со кој се бореше и тој и жената која го отвори својот дом и срце за него. За само неколку часа, тие се соочија со кошмарот на заразната болест.
„Парвото, буквално го донесов дома. Два дена пред Бамби да пројави симптоми, на ветеринар направивме брз тест и беше негативен. Од прв симптом – губење на апетит и потиштеност – до полн ек на болеста, со крвав пролив, повраќање и дехидрација, поминаа само 12 часа“ раскажа неговата спасителка за „Локално“.
Таа веднаш, повторно го однела на ветеринар. Докторката првите два дена од лекувањето на Бамби му давала да прима по два серуми дневно, а потоа секој ден по еден.
„Прими вкупно шест серуми, а секој чинеше 700 денари. Беше приклучен и на инфузија по цел ден. Без овие серуми, немаше да се извлече“, рече жената.
Но, бидејќи таа има и други миленици, кои иако се редовно вакцинирани сепак биле под ризик да се заразат, Бамби извесен период морало да биде изолиран.
„Изолиран беше, во кафез, на балкон. Освен серумите, инфузија и стандардната терапија со антибиотик и витамини што му ги ставаше докторката која му стоеше над глава по цел ден. Друго не му давав четири дена. Орално не треба да се пробува ништо да се даде, бидејќи тоа го зголемува ризикот од оштетување на цревата.“
Дополнително, одржувањето максимална хигиена во домот исто така било многу важно.
„Додека беше болен и во следните две недели, секој ден по два пати со Екоцид го чистев просторот“, сподели спасителката на Бамби.
Искуството со Бамби покажува колку е важно да се преземат сите мерки на претпазливост за заштита од заразни болести кај милениците. Соодветната грижа, љубов и едукација можат да спасат живот, а хигиената и вакцинирањето остануваат најдобрата заштита, тоа за „Локално“ го потврди и докторката по ветеринарна медицина, Данче Грујевска.
„Во периоди како што се пролет и есен кога штенечакот и парвото се повеќе присутни, сопствениците на кучиња треба да ги шетаат своите миленици на помалку фреквентни места и да избегнуваат површини каде престојуваат или се движат улични кучиња кои може да се носители на вирусите, бидејќи не се вакцинирани. Дополнително, се препорачува чистење на обувките со дезинфекциски средства по прошетките за да се намали ризикот од внесување на заразата во домот. Сопсвениците може да стават и сунѓер со средство за дезинфекција покрај вратата за да можат лесно да си ги избришат обувките“, рече докторката.
Според неа, луѓето не може да се заразат од овие болести. А, кучињата кои се редовно вакцинирани во случај да се заразат со болеста имаат многу поблаги симптоми и многу полесно оздравуваат.
Што е парвовирус
Кучешкиот парвовирус (Canine parvovirus – CPV) е исклучително заразна вирусна болест која предизвикува акутни гастроинтестинални проблеми, најчесто кај младите кучиња. Главно ги напаѓа кучињата на возраст од 6 до 20 недели, но и постарите можат да бидат инфицирани. Овој вирус е отпорен и може да преживее во различни услови, но тоа не значи дека секое куче кое ќе дојде во контакт со вирусот ќе се зарази – сепак, ризикот не треба да се потценува.
По контакт со вирусот, инкубацијата трае од 3 до 7 дена пред да се појават првите симптоми. Вирусот таргетира клетки кои брзо се делат, како што се оние во крајниците и лимфните јазли на вратот. Таму вирусот го започнува процесот на репликација, користејќи ги лимфоцитите (белите крвни клетки) за да се шири низ крвотокот.
Откако ќе навлезе во циркулацијата, вирусот ги напаѓа клетките во коскената срцевина и обвивката на тенките црева. Во младите кучиња, може да го зафати и срцевиот мускул, предизвикувајќи воспаление и срцеви аритмии.
Во гастроинтестиналниот систем, вирусот предизвикува сериозни оштетувања. Ги уништува клетките одговорни за апсорпција на хранливи материи и вода, што води до силна дијареа и губење на течности. Дополнително, оштетените цревни ѕидови дозволуваат бактериите од цревата да влезат во крвотокот, предизвикувајќи генерализирана инфекција.
Најчестите симптоми кај заразените кучиња вклучуваат:
- летаргија и депресија,
- губење на апетит,
- висока температура,
- повраќање,
- крвава дијареа.
Најбрзиот начин за дијагноза е ELISA тест, кој користи примерок од изметот на кучето и дава резултати за неколку минути. Алтернативно, PCR тестот открива мали делови од вирусната ДНК, но е поскап. Често, ветеринарите ја поставуваат дијагнозата врз основа на крвната слика, симптомите и состојбата на кучето.
Шансите за преживување зависат од тоа колку брзо ќе се започне терапијата. Важно е сопствениците да не ги игнорираат раните знаци на инфекција. Терапијата обично вклучува:
- надомест на течности преку инфузии,
- антибиотици за спречување секундарни инфекции,
- поддршка на имунитетот.
Што е штенечак
Штенечакот е исклучително заразно вирусно заболување, кое е раширено низ целиот свет и важи за една од најсмртоносните болести кај кучињата. Вирусот е многу отпорен и може да преживее долг период во надворешна средина. Најчесто ги зафаќа невакцинираните кучиња на возраст од 3 до 8 месеци, но може да се појави и кај возрасни единки без вакцинација.
Вирусот на штенечакот има силен афинитет конклетките кои се наоѓаат на површината на органите за дишење и варење, како и на кожата, слузниците и мозокот. Болеста може да се манифестира во различни форми, а секундарните инфекции често ја влошуваат состојбата и прогнозата.
Најраните знаци на заболувањето вклучуваат:
- покачена температура,
- намален апетит,
- апатија и воден исцедок од носот.
Овие симптоми лесно може да се заменат со обична настинка.
Со текот на деновите, како што прогресира болеста исцедокот станува жолтеникав, густ и леплив, а се појавуваат и дополнителни симптоми како кашлица, бронхитис или воспаление на белите дробови. На кожата, особено на стомакот, можат да се појават гнојни чиреви. Чест пролив доведува до сериозна дехидрација, а температурата може наизменично да расте и паѓа, при што општата состојба на животното варира.
Во некои случаи, две до три недели по инфекцијата, се појавуваат нервни симптоми. Овие вклучуваат грчеви, тресење на главата, епилептични напади, губење на рамнотежа и неконтролирано движење. За жал, повеќето кучиња кои развиваат вакви симптоми не преживуваат, а оние што ќе преживеат обично остануваат со трајни оштетувања.
Постојат и случаи каде што вирусот ги напаѓа шепите и носот, предизвикувајќи ороговување на кожата, состојба позната како „болест на тврди шепи“ (Hard pad disease).
Лекувањето на штенечакот е комплексно и мора да се извршува под надзор на ветеринар. Се применуваат антибиотици за спречување секундарни инфекции, инфузии за надомест на изгубените течности и други терапии како седативи и антиконвулзиви. Успешноста зависи од брзината на реакција на сопственикот и од имунолошката состојба на кучето.
И.И.