Водачот на Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), Абу Мохамад ал Џолани, кој го предводеше соборувањето на режимот, рече дека бунтовниците имаат намера да ги повикаат претставниците на режимот на Асад на одговорност. „Нема да се двоумиме да ги повикаме на одговорност криминалците, убијците, безбедносните офицери и армиските офицери вклучени во мачењето на сирискиот народ. Ќе ги гониме воените злосторници и ќе побараме нивно предавање од земјите во кои побегнаа“, рече тој.
„Ќе понудиме награди за секој што ќе даде информации за високи армиски и безбедносни офицери вклучени во воени злосторства. Ја потврдивме нашата посветеност на толеранција за оние чии раце не се извалкани со крвта на сирискиот народ и ги амнестиравме тие кои беа во задолжителна служба“, додаде тој.
Либанскиот весник Нида ел-Ватан во понеделникот објави дека високи функционери на режимот на Асад, вклучително и некои негови роднини, побегнале во Бејрут под заштита на Хезболах. Во извештајот, кој се повикува на „високи безбедносни извори“, се истакнува дека меѓу нив е и Али Мамлук, поранешен советник за национална безбедност на Асад и шеф на сириската разузнавачка агенција.
Во извештајот се додава дека самиот Асад добил политички азил во Русија, каде што се наоѓаат и неговата сопруга и децата.
Ал Џолани се состана со премиерот на соборениот режим Мохамед ал Џалали за да го забрзааат формирањето на привремена влада и треба да се сретне со Мохамед ал Башир, кој е назначен да ја води владата.
„Ние сме во процес на пренесување на извршната власт на привремената влада“, рече Ал Џалали во понеделникот. „Ќе му помогнеме на премиерот Мохамед ал-Башир во управувањето“.
„Владата што ја води оваа транзиција има план и разбирање за предизвиците на земјата. Нашата цел е да ги зачуваме државните институции и вработените во Сирија. Новата администрација настојува да гради односи со соседните земји“, додаде тој.
Во меѓувреме, банките во Дамаск повторно се отворија за првпат по падот на режимот во вторникот, значаен чекор кон враќање во нормала. Бизнисите во главниот град, исто така, повторно се отворени.
Симболот на суровоста на режимот на Асад е затворот Седнаја, кој се наоѓа во близина на Дамаск. Бунтовниците упаднаа во затворот и ги ослободија затворениците во неделата.
Противниците на режимот на Асад ја нарекоа Седнаја „кланица“, каде што безброј противници на режимот – од вооружени бунтовнички борци до мирни демонстранти и воен персонал што не се согласуваат – беа испратени од почетокот на бунтот во 2011 година.
Според извештајот на „Амнести Интернешнал“ од 2017 година, до 13.000 противници на режимот биле обесени во затворот помеѓу 2011 и 2015 година.
„Асошиетед прес“ објави дека десетици затвореници биле ослободени од затворот во неделата, но за многумина остануваат исчезнати. Во текот на изминатите два дена, илјадници Сиријци се собраа пред затворот, надевајќи се на вести за најблиските кои биле испратени таму или исчезнале за време на војната.
Меѓутоа, хуманитарната организација „Бели шлемови“ во вторникот објави дека претресите во затворот завршиле без никакви наоди.
Организацијата распореди пет стручни тимови, вклучително и специјалисти за лоцирање и спасување поединци, кршење ѕидови и пристап до утврдени врати, како и кучиња трагачи и медицински персонал. Организацијата рече дека „не пронашле скриени области во објектот“, додавајќи: „Го споделуваме длабокото разочарување на семејствата на илјадниците кои останаа исчезнати и чија судбина е непозната“.
Директорот на „Белите шлемови“ Раед ал-Салех во понеделникот рече дека затворениците кои се држат во Седнаја претрпеле „пекол“: „Седнаја не остава впечаток дека е затвор. Тоа е кланица на луѓе каде што човечките суштества се колат и мачат“.
Бунтовниците зазедоа голем број затвори каде што беа приведени противниците на режимот. Многу ослободени затвореници биле држени таму со години откако биле „земени“ од режимот. Во извештајот објавен во вторникот се вели дека еден од ослободените затвореници бил јордански државјанин кој исчезнал во 1986 година на 18-годишна возраст и поминал 38 години во затворите на сирискиот режим – прво под претседателот Хафез Асад, а подоцна и за време на владеењето на синот Асад.
Јордански официјален претставник изјави дека спасениот човек, Осама Башир Хасан ал Батајна, бил префрлен од Дамаск на јорданскиот граничен премин. Според изворот, Ал Батајна го изгубил помнењето и бунтовниците го пронашле без свест. Изворот не објасни како тој бил идентификуван.