Училиште во близина на Келн, во западна Германија, беше затворено како мерка на претпазливост откако кај двајца ученици беше откриена нова варијанта на вирусот на мајмунски сипаници.
Учениците на училиштето за деца со посебни потреби во Росрат ќе се префрлат на онлајн настава до петок, соопшти окружната управа на областа Рајниш-Бергиш, пренесе агенцијата ДПА.
Четири членови на едно семејство што живее во областа, меѓу кои и две деца, биле заразени со таканаречениот вирус на мајмунски сипаници „клад 1б“. Според информациите од округот, семејството е во карантин, а симптомите засега се благи.
Одделението за здравство и училишната управа ја донесоа оваа превентивна мерка по интензивни консултации со германскиот институт за контрола на болести, „Роберт Кох“ и други специјализирани институции, поради децата на кои им е потребна посебна заштита.
Училишните простории ќе останат затворени со цел да се спречи близок контакт меѓу учениците и со тоа дополнително можно пренесување на вирусот. Петок е последниот училишен ден пред божиќните празници. Се претпоставува дека инфекцијата потекнува од патувањето на член на семејството во Африка.
Засега не се откриени дополнителни инфекции, рече портпаролката на областа.