Данското разузнавање најави можен воен конфликт на Северниот пол

од Vladimir Zorba
38 прегледи

Данска, која ја надгледува безбедноста на Гренланд и неговата околина, тврди дека постои зголемен ризик од воен конфликт на Северниот пол поради „агресивното и заканувачко“ однесување на Русија.

Во редовниот годишен извештај на данската одбранбена разузнавачка служба, беше наведено дека безбедносните тензии се прошируваат на Арктикот, поради ризичното однесување на Русија и минималната меѓународна соработка, пренесува Ројтерс.

„Русија му дава приоритет на регионот и ќе покаже сила преку агресивно и заканувачко однесување што ќе повлече поголем ризик од ескалација отколку што досега беше забележано на Арктикот“, се вели во извештајот.

Копенхаген наведува дека се очекува Москва неволно да и дозволи на Кина поголем пристап до Арктикот и дека Пекинг ќе го искористи тоа за да ја зајакне својата улога во регионот и да продолжи со своите планови за воспоставување воена база таму.

Се смета дека Арктикот е област од стратешко значење за распоредување на нуклеарни подморници кои можат да се сокријат под мразот и кои во случај на воен конфликт можат да извршат удари врз Северна Америка, Европа и Русија.

Рутата преку Северниот Пол е и најкратката рута од Русија до САД, што ја зголемува веројатноста за користење ракети кои би биле истрелани во потенцијално воено сценарио, според Ројтерс.

Во арктичката област се наоѓа и Гренланд, кој е самоуправна територија во рамките на Кралството Данска и каде се наоѓа американската воена база Питуфик.

Слични содржини