Бројот на жители на Косово се намалил за 140 илјади

од Milan1
29 прегледи

Официјалните податоци од пописот на населението, домаќинствата и становите во Косово, објавени денеска, покажуваат дека во 2024 година во земјата има 1.602.515 жители, што е намалување од речиси 140.000 луѓе во споредба со пописот од 2011 година, објавија медиумите од регионот.

Косовската агенција за статистика (КСА) денеска на прес-конференција во Приштина го претстави првиот дел од конечните податоци од пописот на населението на Косово. Прес-конференцијата беше директно пренесувана на Радио и телевизија на Косово (РТК), а на неа присуствуваше и косовскиот премиер Албин Курти.

Пописот на населението, домаќинствата и становите на Косово (ReKos2024) е спроведен во периодот од 5 април до 24 мај 2024 година, а за косовските граѓани кои живеат надвор од земјата, продолжува до 31 декември оваа година. Ова е втор попис во Косово од независноста на земјата во 2008 година. Претходниот се одржа во 2011 година.

Според прелиминарните податоци, населението на Косово брои 1.586.659 луѓе, а денеска вршителот на должноста извршен директор на Агенцијата за статистика на Косово, Авни Кастрати, даде ажурирана бројка од 1.602.515 луѓе.

Косовскиот премиер Албин Курти ги поздрави податоците од пописот, истакнувајќи дека тие ќе бидат основа за идните политики. Податоците покажуваат дека првпат урбаното население (50,2%) го надмина руралното (49,8%), додека просечната возраст на населението се зголемила на 34,84 години.

Етничката структура на Косово останува доминирана од Албанци (91,76%), додека Србите (2,31%) и останатите етнички заедници имаат помал удел. Значителен дел од српската популација го бојкотираше пописот.

Слични содржини