Колкави се платите на полицајците во ЕУ, во Бугарија 699 евра

од Milan1
108 прегледи

Во сите земји во светот полицијата игра клучна улога во одржувањето на јавниот ред и безбедноста на граѓаните. Со цел да се поддржи оваа суштинска активност, европските влади секоја година издвојуваат значителни средства.

Во 2022 година, јавната потрошувачка за одржување на редот и законот во Европската унија изнесуваше 1,7 отсто од БДП. Врз основа на проценките од калкулаторот за плати на официјалната статистичка служба на ЕУ, Евростат, „Euronews Next“ ги анализираше платите на полицајците во ЕУ и Велика Британија и дојде до заклучок дека Шпанија е најслаба меѓу „големата четворка“ во Европа во плаќањето на оваа важна дејност.

Во 2023 година, месечните бруто плати за полицајците се движеа од 699 евра во Бугарија до 5.761 евра во Данска. Овие податоци се однесуваат на 35-годишен полицаец со повеќе од 10 години искуство, завршено високо образование и 36-часовна работна недела.

Освен во Данска, платите на полицајците надминале 4.000 евра и во три други земји. Германија, Луксембург и Белгија ја следат Данска со заработка од околу 4.200 евра, додека полицајците во Холандија заработиле 3.881 евро, а во Ирска 3.576 евра.

Меѓу четирите најголеми економии на ЕУ, шпанските полицајци повторно имаа најниски плати во 2023 година – 2.271 евро.

Во Франција полицаец со горенаведените квалификации заработил 3.395 евра, додека во Италија таа сума изнесувала 2.537 евра.

Во пет земји од ЕУ, полицајците заработиле помалку од 1.250 евра. Платите биле нешто под оваа сума во Унгарија, Полска, Романија и Хрватска, каде што надминале 1.050 евра, додека полицајците во Бугарија имале најниски плати – само 699 евра.

Слични содржини