Прелиминарна истрага потврди дека руска ракета над Грозни ја предизвикала трагедијата на авионската несреќа кај Актау, по која 38 патници загинаа во средата откако авионот на „Азербејџан ерлајнс“ се урна при обид за итно слетување во близина на градот Актау во Казахстан, откако Русите го погодиле.
Извори од азербејџанската влада во четвртокот ексклузивно потврдија за Еуроњуз дека руска ракета земја-воздух го предизвикала соборувањето на авионот на „Азербејџан ерлајнс“ во близина на Актау во средата.
Според изворите, проектилот бил истрелан кон летот 8432 за време на активност на дрон над Грозни, а шрапнели ги погодиле патниците и екипажот во кабината, кога експлодирала покрај авионот за време на летот.
Владини извори за Еуроњуз изјавија дека оштетениот авион не смеел да слета на ниту еден руски аеродром, и покрај барањата на пилотот за итно слетување, и му било наредено да го продолжи летот преку Каспиското Море до Актау во Казахстан.
Според податоците, GPS навигациските системи на авионот биле прекинати во текот на целиот лет над морето.
Да потсетиме, во авионската несреќа загинаа 38 од вкупно 67 лица во авионот. Меѓу жртвите се и пилотот, копилотот и стјуардесата, кои биле во предниот дел на авионот.
Денеска имаше информации дека руските системи за противвоздушна одбрана собориле патнички авион на „Азербејџан ерлајнс“.
Авионот Ембраер, наводно, по грешка бил идентификуван како украински дрон и погоден со проектил од системот Панцир-С1, лансиран од областа Наур во Чеченија.
Се сомнева дека силите на Рамзан Кадиров, претседателот на Чеченија, испукале ракета Панцир-С1 кон авионот, пишува Мирор. Делумниот транскрипт од наводната комуникација помеѓу пилотот и контролата на летот укажува на катастрофален настан што екипажот, сега се чини погрешно, му се припишува на судир со јато птици.