Николова: Владата ги става на маргините педагозите и децата со попреченост

од Milan1
13 прегледи

Одбивањето на јавната расправа по предложените закони за основно образование, покажува недостиг на транспарентност и отвореност на власта. Одлуките не смеат да се носат зад затворени врати, а оваа Владата не е заинтересирана за критики од страна на јавноста, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, на денешната собраниска седница.

Таа се осврна на амандманот предложен од СДСМ по реакциите на Институтот по педагогија при УКИМ и измените на законот за основно образование, каде е оспорена компетентноста на педагозите за реализација на наставниот процес во одделенската настава и продолжениот престој на учениците во основното училиште.

– Досега, во јавноста и во стручната фела не е презентирана ниту една причина зошто педагогот како профил не е соодветен за негова вклученост во наставниот процес и продолжениот престој во основното училиште.

Со ова се оспорува и статусот на педагозите кои веќе се вработени и реализираат настава и продолжен престој во основните училишта. Со овие предложени измени се проблематизираат и одлуките на голем број студенти што се определиле да студираат педагогија. Ваквиот потег со измените и дополнувањето на законот за основно образование значат дискриминација за сите нив, рече Николова.

Таа посочи и на амандманите на СДСМ, со кои се реагираше на законските измени кои се на штета на инклузијата на децата со попреченост во образованието.

– Начинот на организирање на инклузијата кој е предвиден во законските решенија, значи враќање назад речиси една деценија. Сето она што е вложено во напредокот на овој процес, само со една интервенција во Законот за основно образование ќе предизвика штета која долгорочно ќе ја чувствуваат децата со попреченост. Овие измени може да значат повторно враќање во специјализираните училишта и оставање на децата со попреченост на маргините на општеството.

Наместо подигање на свест за овие сензитивни прашања, Владата одлучува да постапи со непопуларни мерки кои го уназадуваат целиот процес, потенцираше пратеничката на СДСМ.

Николова се осврна и на амандманите кои ги предложи СДСМ, а Владата и мнозинството во комисијата го одбија, а се однесуваа на вработувањето на образовните асистенти на неопределено време.

Во амандманската расправа се реагираше и на законските измени со кои се бришат термините род, родова еднаквост, родовиот идентитет како дискриминаторски основи.

– Тоа не е во согласност со одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација, а исто така претставува и повреда на одредби од Уставот, како и на меѓународните конвенции кои ги имаме ратификувано. Таму каде децата треба да се чувствуваат најбезбедно, таму каде треба да им е понудена заштита од насилство и дискриминација, таму со овие измени се праќа јасна порака дека институциите нема да препознаваат, а со тоа и да санкционираат одредено насилство, рече Николова.

Слични содржини