Сиљановска Давкова: Предлогот на Костадинов е непристоен

од Milan1
44 прегледи

Ова е непристоен предлог. Намерата не е чесна, намерата не е заради почит. Обратно. Намерата вака да се искаже еднострано, всушност значи непочитување, значи непризнавање. Тогаш мојот коментар е дека фрустрации се во прашање, изјави вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова коментирајќи ја изјавата на лидерот на бугарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов, за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.

-Непристоен предлог е бидејќи во историјата имало моменти кога и такви предлози биле во оптег и се разбира дека тие не биле добредојдени. За да предлагате вие балкански федерации и слични модели треба да негувате и да манифестирате почит кон соседите, елементарна почит. Тоа значи да го признавате другиот, да ја признавате посебноста, да го третирате како рамноправен. Впрочем тоа е суштината на Договорот за ЕУ, на Лисабонскиот договор, во преамбулите е суштината. Во преамбулата на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија тоа го пишува дека Бугарија како членка на Европската унија ќе и помага на Македонија на патот кон ЕУ. Значи ова е непристоен предлог, изјави Сиљановска Давкова во интервју за емисијата „Се или против“ на ТВ Алфа.

Во однос на тоа какви се сигналите од Софија и комуникацијата меѓу неа и претставници на Софија, шефицата на државата вели дека дијалозите меѓу нив се пристојни, одмерени но и со резерва, a дека меѓу граѓаните нема проблеми.

-Нашите дијалози се пристојни, нашите дијалози се одмерени, нашите дијалози признавам се со резерва ама она што го велите вие јас отворено го препознавам кај бугарскиот народ, кај бугарски интелектуалци и бугарски љубители на музиката и операта, кај уметниците Бугари, Грци… Препознавам апсолутно меѓу нас нема проблеми кога е во прашање ваквата комуникација, ама ние забораваме дека не сме кралеви и кралици и дека не се претставуваме себе или својот род, туку дека ги претставуваме граѓаните и логично е ние да постапуваме во духот на она што го посакуваат македонските граѓани и бугарските граѓани, грчките граѓани итн. Тоа сум го видела, сум видела многу пријатели. Граѓаните може да речат ајде да си најдеме други политичари, други претседатели, ама не можеме ние да речеме најдете си друг народ, рече Сиљановска Давкова.

Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, денеска ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија. Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Костадинов ги поддржува изјавите на новозибраниот претседател на САД Доналд Трамп за Канада и Панамскиот Канал и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Слични содржини