Го купија за 100.000 евра од белоруски второлигаш, го продадоа на Сити за 40 милиони евра

од Vladimir Zorba
30 прегледи

Абдукодир Хусанов, момчето кое има само 20 години и игра за Среќко Катанец за репрезентацијата на Узбекистан, кариерата ја продолжува во четирикратниот последователен шампион на Англија, Манчестер Сити.

„Граѓаните“ се блиску до првиот трансфер во 2025 година. Станува збор за младиот дефанзивец на францускиот клуб Ленс.

Според инсајдерот, специјализиран спортски новинар за трансфери Фабрицио Романо, менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола го одобрил трансферот на талентираниот 20-годишен дефанзивец.

Претходно беше објавено дека Манчестер Сити за дефанзивецот на репрезентацијата на Узбекистан ќе плати дури 50 милиони евра. Фабрицио Романо од свои извори пренесува дека трансферот ќе изнесува 40 милиони евра и дека со дополнителни клаузули би можел да ја достигне гореспоменатата цифра.

Оваа сезона Хусанов одигра 16 натпревари за Ленс во сите натпреварувања. Договорот на 20-годишниот дефанзивец со францускиот клуб е до 2027 година.

Хусанов во Франција пристигна пред година и пол од Белорусија, каде беше член на второлигашот Енергетик БГУ. Би-би-си Спорт пишува дека Ленс го донел за само 100.000 евра, што сега се исплатело повеќекратно, бидејќи момчето за кратко време покажало огромен напредок.

Овој талентиран дефанзивец е добро познат во својата земја, каде од 2023 година е член на А репрезентацијата на Узбекистан. Досега има одиграно 13 натпревари за репрезентацијата предводена од поранешниот играч на Партизан и југословенски репрезентативец, Словенецот Среќко Катанец.

Хусанов ќе стане првиот Узбекистанец во историјата на Премиер лигата, а Узбекистан 119-та земја која има свој претставник во англиската елитна лига.

Слични содржини