равославните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век.
На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
И годинава ќе продолжи традицијата на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.
Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе чиноначалствува владиката Јосиф.
По завршување на литургијата, во 11:30 часот владиката Јосиф, заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ каде ќе започне „Водосветот“, а потоа ќе се положи крстот во реката Вардар.
Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.