Пол Макартни: Вештачката интелигенција претставува закана за уметниците

од Aneta Risteska
35 прегледи

Легендарниот басист на Битлси, Пол Макартни, упати апел до британската влада да не го менува законот за авторски права, бидејќи верува дека тоа би им овозможило на компаниите за вештачка интелигенција да ги загрозат уметниците.

Владата започна консултации за можноста технолошките компании да користат материјал заштитен со авторски права за обука на модели на вештачка интелигенција, освен ако авторите изрично не се противат на тоа.

Во интервју за Би-Би-Си, Макартни истакна дека ваквите промени би ја отежнале контролата на уметниците врз нивната работа и би ја поткопале британската креативна индустрија.

„Млади луѓе создаваат прекрасни песни, но не се сопственици на тие дела и не можат ништо да сторат. Секој што ќе посака, може едноставно да ја земе песната,“ изјави 82-годишниот музичар.

Тој додаде дека заработката од музиката треба да оди кај нејзините автори, а не кај технолошките гиганти.

Британската влада има амбиција да стане светски лидер во користењето на вештачката интелигенција. Во декември најави консултации за авторските права, со цел да се најде баланс помеѓу правата на креаторите и потребите на програмерите за вештачка интелигенција, како и да се утврди фер надомест за користење на креативниот материјал.

Сепак, владата истовремено ветува дека ќе обезбеди лесен пристап за програмерите до широк спектар висококвалитетни креативни содржини.

Издавачите, уметничките организации и медиумските компании, меѓу кои и американската агенција AP, формираа Коалиција за креативни права во вештачката интелигенција, со цел да се спротивстават на намалувањето на заштитата на авторските права.

„Ние сме луѓе, а вие сте влада. Треба да нè заштитите – тоа е ваша работа. Ако сакате закон, осигурајте се дека ќе ги заштитите креативните мислители и уметници, инаку тие ќе исчезнат,“ порача Макартни.

 

Слични содржини