Возачот што ја усмрти девојката на „Партизанска“ возел на црвено, без возачка и под дејство на алкохол

од Milan1
58 прегледи

Момчето кое со огромна брзина поминувајќи на црвен семафор ја прегази и на место ја уби младата девојка Фросина Кулакова, на „Партизанска“ немал возачка дозвола и имал алкохол во крвта.

-Осомничениот 20-годишник, на 29 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственсот на неговиот татко по десната сообраќајна лента од бул.„Партизански Одреди“. Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка, информираат од ОЈО Скопје.

Пред пешачкиот премин со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил да вози на црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на 22 годишната Фросина Кулакова, која на пешачки ја преминувала улицата. Девојката починала на лице место, информираат од Обвинителството.

Јавниот обвинител предложи до судот на возачот да му биде одреден притвор, а некои медиуми пренесуваат дека тој и претходно бил апсен, па пуштан на слобода поради други кривични дела, најчесто трговија со дрога.

Слични содржини