Светските берзи: Кинескиот модел со вештачка интелигенција ги потресе технолошките компании

од Илинка Илиоска
44 прегледи

Изминатата трговска недела започна со голема паника меѓу акционерите на технолошките компании, исплашени од појавата на евтин и ефикасен кинески чет-бот базиран на вештачка интелигенција (АИ).

Загубите беа ублажени во текот на неделата, па така индексот на технолошките акции Nasdaq ослабна за 1,6 отсто, додека референтниот индекс S&P 500 неделата ја заврши послаб за еден отсто.

Порастот на популарноста на кинескиот стартап DeepSeek, базиран на нискобуџетен јазичен модел, доведе до првото големо преиспитување на траекторијата на големите американски технолошки компании кои постигнаа слични резултати со значително поголеми инвестиции.

Асистентот за вештачка интелигенција на DeepSeek се гордее со тоа што се напојува со модели со отворен код, за кои компанијата вели дека може да се обучуваат по мал дел од цената со користење на многу помалку чипови од водечките модели во светот.

Проширувањето на популарноста на DeepSeek во продавницата на Apple е во целосна спротивност со ресетирањето на пазарната вредност на најголемите американски технолошки компании. NVIDIA падна за 17 отсто во понеделникот, губејќи речиси 600 милијарди долари од пазарната капитализација, а до крајот на неделата успеа да врати само дел од својата вредност.

Компанијата потврди дека Deep Seek претставува „одличен напредок со вештачка интелигенција и совршен пример за скалирање на времето за тестирање“, но и дека пробивот на новите модели може да значи дополнителна побарувачка за нејзините графички чипови, што и овозможи да го прошири својот бизнис.

Овој настан делумно го засени објавувањето на кварталните резултати на корпоративната сцена, во која доминираат технолошките компании. Apple ги избегна најмрачните прогнози, и покрај падот на продажбата на iPhone, и повторно се појави како безбедно засолниште за инвеститорите.

Мајкрософт објави резултати кои ги надминаа очекувањата, но послабата деловна прогноза поради недостигот на капацитет на центарот за податоци повторно дојде во фокус. Tesla потфрли со резултати кои останаа во сенка на големите очекувања од влегувањето на Маск во Белата куќа, додека Мета задржа одлична стапка на раст од 21 отсто, со малку поскромна прогноза за тековниот квартал.

На макро ниво, доминираа состаноците на клучните централни банки. Очекувано, ФЕД ја остави основната каматна стапка во опсег од 4,25-4,50 отсто, на што претходеа три поврзани намалувања кои ја намалија стапката за процентен поен.

Во соопштението на централната банка беа дадени повеќе укажувања за причините што довеле до задржување на каматата. Беше изразен малку пооптимистички поглед на пазарот на трудот, но клучната одредба од декемвриската најава дека инфлацијата „постигнала напредок кон“ целта за инфлација од два проценти на ФЕД беше испуштена.

Одлуките на ФЕД повторно беа критикувани од новиот американски претседател Трамп, кој на социјалните мрежи напиша дека централната банка „не успеала да го спречи проблемот што го создаде со инфлацијата“.

Европската централна банка (ЕЦБ) ја намали каматната стапка по петти пат откако го започна циклусот на намалување во јуни 2024 година и ја доведе депозитната стапка на ниво од 2,75 отсто.

Во соопштението ЕЦБ наведува дека дезинфлацијата е „на вистинскиот пат“ и дека најмногу се развива согласно проекциите на оваа централна банка и оти годинава инфлацијата треба да се врати на целта од два отсто. На краток рок, ЕЦБ очекува слаб раст на економијата на еврозоната, која стагнираше во последниот квартал од минатата година.

Победник на неделата

Акциите на американското кафуле, Старбакс (SBUX), скокнаа за осум отсто по објавувањето на заработката, откако инвеститорите почнаа да веруваат во знаците за пресврт на бизнисот под новото раководство.

Старбакс објави пад од 4 отсто во споредливите продажби во октомври-декември, но тоа беше подобро од консензусот од -5,5 отсто, додека менаџментот на компанијата изрази уверување дека „компанијата е на вистинскиот пат“ откако беа преземени голем број стратешки мерки во со цел да се зголеми деловната ефикасност.

По минатонеделниот скок, Старбакс е солидно во пораст од 18 проценти во 2025 година.

Губитник на неделата

Акциите на производителот на популарните брендови Ugg и Hoka, Deckers Outdoor (DECK), затворија повеќе од 20 отсто во петокот, иако компанијата објави подобри од очекуваните квартални резултати и ја зголеми својата прогноза за приходите за тековната фискална година.

Сепак, инвеститорите ги сметаа овие очекувања премногу конзервативни, изразувајќи скептицизам дека двата главни модели би можеле да се најдат под конкурентен притисок, што би ја фрустрирало претходно силната траекторија на раст. И покрај корекцијата во петокот, оваа акција забележа одличен раст од 41 отсто во минатата година.

Слични содржини