Минатата година светот за прв пат инвестираше над два трилиони долари во енергетската транзиција, според новиот извештај на истражувачката единица BloombergNEF.
Поточно, глобалните инвестиции во транзиција достигнаа рекордни 2,1 трилиони долари.
Ова вклучува различни видови инвестиции, од категории директно поврзани со развојот на технологии со ниски емисии и синџирот на снабдување со чиста енергија до капитални инвестиции во компании за климатска технологија.
Сепак, како што пишува BloombergNEF, минатогодишниот раст на глобалните инвестиции од 11% е помал во однос на периодот од 2021 до 2023 година, кога изнесуваше меѓу 24 и 29%.
Најбрзиот раст од 21% е забележан во азиско-пацифичкиот регион, каде половина од светските средства се инвестирани во енергетската транзиција во 2024 година, поточно над 1.000 милијарди долари. Лидер е секако Кина, која инвестирала 818 милијарди долари, што е двојно повеќе од која било друга економија во светот. За споредба, инвестициите во Соединетите Американски Држави (САД) изнесуваат 338 милијарди долари.
Но, и покрај огромните инвестиции и новото годишно ниво, глобалните инвестиции сè уште заостануваат зад она што се предвидува дека ќе ни треба за да достигнеме нето нула емисии.
За да се исполни оваа клучна цел за климатска акција, меѓу 2025 и 2030 година, светот треба да инвестира 5,6 трилиони долари годишно во енергетската транзиција, над 2,5 пати повеќе од минатогодишната бројка.
Сепак, треба да имаме на ум дека не сите поединечни области на инвестиции напредуваат со исто темпо… Така, за разлика од вкупните инвестиции, синџирот на снабдување со чиста енергија е на пат да достигне нето нула емисии.
Според сценариото за нето нула емисии, годишните инвестиции во овој сегмент треба да бидат 45 милијарди долари. Добрата вест е што веќе го надминавме ова во последните години, а во 2024 година се инвестирани дури 140 милијарди долари, три пати повеќе од потребното.
Секторски најголеми инвестиции се бележат во електрификацијата на транспортот
Кога станува збор за секторите, најголеми инвестиции од 757 милијарди долари привлече електрификацијата на транспортот, потоа обновливите извори во кои минатата година беа инвестирани 728 милијарди долари. Следни се електроенергетските мрежи со инвестиции од 390 милијарди.
Според извештајот, сите три наведени сектори ги собориле претходните рекорди во 2024 година, како и складирањето енергија со вкупни инвестиции од 54 милијарди долари.
Најтоплата година во глобалната историја на мерења е зад нас. И енергетската транзиција е клучна алатка за спречување на понатамошното глобално затоплување, а со тоа и последователно зголемување на временските екстреми.
Чистите технологии стануваат сè поисплатливи и напредокот се забрзува со текот на годините. Сепак, се чини дека транзицијата има потреба од дополнително забрзување во однос на инвестициите.