Андреј Ал-Асади ја прими наградата „Григор Прличев“ за поемата „Никогаш пред ил’ потем“

од Aneta Risteska
10 прегледи

На свеченост што денес се одржа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беше врачена наградата за најдобра поема на лауреатот Андреј Ал-Асади за поемата “Никогаш пред ил’ потем” под шифра “Хидаспес”, а во рамки на чествувањето на ликот и делото на Прличев, пишува „Охрид њуз“.

Темата на поемата е една интраперсонална борба на една од најинтересните личности во нашата историја, Александар Македонски, вели лауреатот Ал-Асади.

– За мене оваа награда значи афирмација на моето сопствено творештво, по долгогодишно поетско творештво кое кулминираше во поемата “Никогаш пред ил’ потем”. Но, исто така, за мене значи афирмација на младата македонска поезија и младото македонско творештво и можност да стигне до пошироката публика. Пишувањето на поема има свои финеси и поразлично е од пишувањето на песна и од прозно дело и е некаде помеѓу. Имаме повеќе простор и можност да маневрираме со тематиката и наративот од една страна, а од друга страна треба да ги запазиме сите карактеристики на поетскиот израз. Тешко е и интересно е, посочува авторот на наградената поема.

Претседателот на Комисијата за избор на најдобра поема „Григор Прличев“ за 2024 година, Славе Ѓорѓо Димоски, истакна дека од пристигнатите 13 поеми се издвоиле неколку кои со нијанса се разликувале една од друга.
– Предност на крајот и се даде на наградената поема бидејќи се виде една посебна вредност која се однесува на начинот на интерпретација на темата. Темата е од подалечното историско минато, се работи за Александар Македонски и неговата последна битка во Индија и наеднаш поетот бега од историските факти и поставува едно големо филозофско прашање: Која е најголемата победа, дали физичката или духовната? Тука има дијалог меѓу Александар и еден индиски врач каде Александар на крајот чувствува дека е духовно поразен. Поентата на поемата е дека духовната победа, духовниот мир е вечното нешто што го краси човекот, потенцира Ѓорѓо Димоски.

Оваа средба посветена на големиот Григор Прличев кој со поемата „Сердарот“ во стара Атина пред очите на светската јавност стана закитен со ловоров венец е само можност јавно да ветиме дека продолжуваме по патот кој тој ни го осветли жестоко спротивставувајќи се на сите оние кои во тие бурни времиња сакаа да и наштетат на Македонија, рече заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска.

– Нашата култура ќе беше посиромашна без „Сердарот“ и „Скендербег“, но и без досегашните и идни поеми на учесниците на Конкурсот за најдобра поема „Григор Прличев“. Прифаќајќи го сето она што Прличев ни го оставил како свет завет денес ја продлжуваме неговата мисија докажувајќи дека со знаење невозможното станува возможно, а недостапното достапно. Секое време носи нов Прличев и нови поеми со суштински пораки во современиот свет. На таков начин сите ние докажуваме дека чекориме по Прличевите стапки создавајќи посреќна сегашност и иднина за Охрид и Македонија. Оваа средба е можност гласно да ветиме дека ја продолжуваме Прличевата традиција и секој на свој начин ќе придонесуваме за подобра иднина на својот народ и на Македонија, додаде Крстеска.

Свеченоста започна со изведба на „1762 Лето“ од страна на хорот при НУЦК “Григор Прличев”, а во изложбениот салон беше поставена изложба на ликовни дела одбрани од колекцијата на Центарот.

Фото: А. Момироска

Слични содржини