Западен Балкан е дел од европското семејство, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, која учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“ во Рим.
Калас на социјалната мрежа Икс посочи дека во Рим укажала на заедничка безбедносна перспектива со Западен Балкан и изрази надеж дека во следните пет години ќе има вистински напредок во однос на проширувањето на ЕУ, врз основа на напредокот во реформите.
„Западен Балкан е дел од европското семејство. Нашата безбедност е неразделна. Нашата соработка е суштинска. Денеска во Рим ја подвлеков оваа заедничка безбедносна перспектива и нашата надеж за вистински напредок во следните пет години во проширувањето на ЕУ, врз основа на напредокот во реформите“, рече Калас, пренесува „Танјуг“.
Со министерскиот состанок со партнерите од Западен Балкан и групата „Пријатели на Западен Балкан“ претседаваше италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани, а присуствуваше и комесарката за проширување Марта Кос.
Како што претходно беше најавено, целта на состанокот е да се зајакне координацијата во однос на целите и приоритетите за 2025 година кога станува збор за соработката со Западен Балкан со цел да се подобри безбедноста во регионот и да се забрза процесот на европска интеграција.
Во групата „Пријатели на Западен Балкан“ се Италија, Австрија, Хрватска, Грција, Чешка, Словачка и Словенија.