Руте: Путин мора да разбере дека Западот е обединет

од Milan1
29 прегледи

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изјави дека е важно рускиот претседател Владимир Путин „да разбере дека Западот е обединет“ кога ќе почнат преговорите за ставање крај на војната со Украина.

„Не знам точно што има на ум претседателот Путин, се разбира. Тој е силен преговарач, тој е многу непредвидлив, но на крајот, ако сакаме да постигнеме мировен договор, тој треба да биде вклучен“, рече Руте по денешната средба на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата во Брисел, пренесе „Ројтерс“.

Руте додаде дека Украина сигурно ќе биде вклучена во секој мировен договор, а претходно изјави дека договорот мора да биде траен и дека Киев мора да биде вклучен во сите разговори за него.

„Клучно е каков и да е исходот од преговорите, тој да биде траен и издржлив“, рече Руте. Тој исто така рече дека е клучно Украина да биде вклучена во се што ја засега.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа и со украинскиот претседател Володимир Зеленски за итен почеток на преговори за ставање крај на војната.

Европските лидери порачаа дека и Украина и Европа мора да бидат вклучени во изнаоѓањето мирно решение, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини