Медведев со навредливи зборови за Зеленски по преговорите во Ријад

од Nikola Popovski
112 прегледи

Владимир Зеленски ќе биде подготвен на секаква провокација за да го спречи решавањето на украинскиот конфликт и да ја продолжи војната до последниот Украинец, изјави екс-шефот на руската држава и актуелен заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев.

Според него, Зеленски ќе ги искористи сите средства за да го спречи решавањето на конфликтот, вклучително и оружјето за масовно уништување како што се „валканите бомби“ и гранатирањето на украинските цивили, за да ја префрли вината на Русија.

„Стаорецот е заглавен во ќош. Неговото однесување може да биде целосно непредвидливо. Трескавично се движи, лелека и, по правило, во такви случаи, на крајот започнува контранапад. Затоа, може да се очекува секаква провокација од паничен глодар за да се спречи регулација и да се продолжи војната до последниот Украинец“, напиша Медведев на својот профил на руската социјална мрежа ВКонтакте.

Политичарот со контроверзни ставови оценува дека „со итна дератизација ќе се реши проблемот“. Во исто време, според него, „најдобро би било со тоа да се занимаваат оние кои претходно ги хранеле омразените стаорци“.

Зеленски претходно ја откажа посетата на Саудиска Арабија по разговорите меѓу американската и руската делегација во Ријад. Американската агенција Блумберг објави дека Зеленски се обидува да собере информации од индиректни извори за руско-американските разговори.

На 18 февруари, руската и американската делегација одржаа разговори во Ријад кои траеја околу 4,5 часа и како едно од прашањата го вклучија и решавањето на украинскиот конфликт. Русија на средбата ја претставуваа министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот на претседателот Јуриј Ушаков и директорот на рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев. Американската делегација на разговорите ја сочинуваа државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник на американскиот претседател Стивен Виткоф.

Слични содржини