На летот на „Брисел ерлајнс“ (Brussels Airlines) од сенегалскиот главен град Дакар за Брисел, патничка родила девојче пред неколку дена, објави авиокомпанијата.
Жената, која била во 32-та недела од бременоста, набргу по полетувањето почувствувала силна болка во долниот дел на стомакот и побарала помош од екипажот во кабината. За среќа, меѓу патниците имало лекар и медицинска сестра кои им помогнале на патниците.
„Мојата прва мисла беше: О, таа нема да се породи во авион“, изјави 22-годишната медицинска сестра за весникот „Brussels Morning“.
„За среќа, сè помина без проблеми. На жената ѝ одеше навистина добро. Се породи во авион без лекови против болки“, додала медицинската сестра. Се родило девојче и ѝ го дале името Фанта.
Пилотите биле информирани за ситуацијата и решиле да се вратат во Дакар. Меѓутоа, породувањето веќе започнало, а бебето се родило во текот на летот.
„Првите моменти беа напнати – дали е добро? Дали дише? И тогаш најубавиот звук ја исполни кабината: нејзиниот прв плач“, напишаа од авиокомпанијата, а пренесува „Brussels times“.
Лекар од авионот го прегледал бебето и потврдил дека е здрава.
„Како член на екипажот во кабината, тренирате за сè, дури и за породување – но ништо не ве подготвува за вистинската работа“, рече Џенифер. „Беше магично. Да не станев член на екипажот, мислам дека ќе бев акушерка“, додала таа.
Авиокомпанијата на социјалните мрежи објави фотографија од среќна стјуардеса со новороденче во рацете, а мајката на девојчето лежи до неа. „Добре дојде во светот, мала Фанта. Се надеваме дека еден ден повторно ќе патуваш со нашите авиони“, стои под фотографијата.