Италијанската екстремно десничарска партија Лига поднесе предлог до градската управа на Венеција за забрана на носење бурка, објавија денеска италијанските медиуми.
Партијата на министерот за инфраструктура и транспорт Матео Салвини, исто така, предложи да се воведат казни за оние кои ќе ја прекршат оваа регулатива, а ќе бидат санкционирани и мажите кои ги принудуваат жените да носат бурка, објавија италијанските медиуми.
„Бараме од градоначалникот на Венеција да ја усвои оваа мерка како политички чин: носењето бурка е кршење на правата на жените. Не знам за други религии кои наметнуваат покривање на лицето на жените“, рече партискиот функционер Алекс Базаро.
Претставниците на партијата „Напред Италија“ се изјаснија против ваквата забрана.
„Ваквата мерка би била премногу рестриктивна. Сметаме дека носењето бурка мора да се разгледува и да се оценува од случај до случај. Во секој случај, ова е тема што мора да се решава на национално, а не на локално ниво“, изјави партискиот претставник Микеле Зуин, пренесува „Танјуг“.