Канадскиот премиер во заминување Џастин Трудо изјави денеска дека руската војна против Украина е „војна против нашиот начин на живот, војна против демократијата, против владеењето на правото и самоопределувањето, војна против правдата, војна против вистината“.
Зборувајќи во Киев на третата годишнина од почетокот на војната, Трудо ги осуди, како што ги нарече, „гнасните воени злосторства“ на Русија, пишува „Гардијан“.
„Украинците ги загубија животите борејќи се храбро за својата земја, децата беа одземени од нивните семејства, домови и заедници, што е грозоморно воено злосторство“, рече тој.
Трудо додаде дека воените заробеници биле изложени на насилство од страна на руските војници.
„Украинците ќе триумфираат затоа што Украинците се борат за она што е правилно, но тие не можат и не треба сами да го направат тоа“, додаде Трудо.
Вкупно 37 државни лидери ќе учествуваат на самитот во Киев, кој украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече „пресвртница“, од кои 13 ќе присуствуваат лично, а 24 преку видео врска, според УНИАН.
Покрај Трудо, во Киев се и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, пренесува Танјуг.