Каја, Чациленд и Мициленд

од Nikola Popovski
966 прегледи

Ако намерно блокираниот евроинтегративен процес на РС Македонија конечно на наша среќа (а за жал на режимот) добива статус и третман на безбедносно прашање и проблем за ЕУ, сосема сигурно во наредниот период пак ќе сеирџиме на преставници на режимот, на „комитите и војводите“ од мицковистичко дпмне. Тие кои го кинеа и палеа ЕУ-францускиот предлог, кои со месеци се потеа на нивните улични партиски протести под мотото „НЕ за Бугари во Устав“, е тие истите, тие сега ќе гласаат за истиот тој ЕУ-француски предлог, за Бугари во Устав! По најавата дека Каја Калас ќе доаѓа во Скопје, веќе отсега како да ги читам пропагандистите на режимот како почнуваат, така да се каже, пежоративно, да лижат кај што плукале па одеднаш преку ноќ да почнат да кажуваат дека тоа со уставните промени не е ништо посебно, дека тоа не е проблем и никогаш не било, дека тоа не е национално предавство итн.; впрочем, оваа промена на комитската реторика започна уште поодамна. Се разбира, нема да има ниту некакви гаранции дека нема да има понатамошни објективни пречкки во ЕУ интегративниот процес ниту пак ќе има одложено дејство на уставните промени, тоа ќе се гласа и реализира до буква според предлогот кој го палеа. Додуше, ќе пробаат пак да лажат познатите неморални и скапо платени гебелсовски медиумски кербери на пропагандистичкиот ад на диктаторскиот режим со некакви измислици дека може сепак имало некои гаранции кои не смеат да се соопштат на јавноста и слични глупости но веќе ниту мали деца нема да им поверуваат како впрочем и досега, освен помалку образованите гласачи од типот и магаре да е ако е од мицковистичко дпмне ќе го гласам.

Откако постои мицковистичко дпмне (веќе долги 7-8 години), освен тотално антимакедонски и антидржавни политики и дејства разви и неверојатна способност за валкани политички игри, трикови, сплеткарење, политички измами и лаги, константно практикување на она што во политикологијата е познато како византиска политика. Примери има колку сакате (практично се што правеа во изминатите 7-8 години), а најновиот случај каде повторно сакаат да ги изиграат оние од СДСМ е, верувале или не, да ги остават без коалициски партнер од албанското малцинство. Да да, колку и неверојатно да звучи – вакво нешто беше незамисливо пред десетина години за тогашните вистински Вмровци – токму така е: најкратко кажано, на секој начин се обидуваат да ги раскараат СДСМ со ДУИ и Таравари, довчерашниот нивен коалиционен партнер. Хипокризија на политичкиот морал е кога политичките слуги на Влен зборуваат за некаква сервилност на други политички партии – па Меџити намерно им вее албански знамиња низ владините кабинети (оној од Знам сеуште ли не ја напушти власта поради тоа, како што јавно вети?), се фали дека ќе вработел нови илјадници Албанци за да не се иселуваат низ светот, Гаши им праќа членови на свое обезбедување на аеродром во некаква помош на косовската претседателка, Касами менува имиња на тетовски улици со имиња на балисти и се фали дека го внеле албанскиот буквар во училиштата (идентичен за Косово, Албанија и Северна Македонија!), и тие од дпмне мицковистичко, замислете, со цел не-памет нашле да зборуваат за политичка сервилност! Но, се чини дека уште им успеваат ваквите уличарски трикови – како некои од политички неискусното ново раководство на СДСМ да им влегува и во оваа валканата игра, заедно со некои кадри на Ковачевски и Заев. Мицковистичо дпмне преку нивните медиумски платеници и парталчиња, вршат јавен притисок врз нив, посебно за ДУИ, со цел, се разбира, на локалните избори да триумфираат – без гласови од партиите на Албанците на локални избори практично во Скопје, Куманово, Охрид и многу други општини е невозможно да се победи. И така, политичките слуги на Влен (сега без Таравари) – мицковистичко дпмне, тие другите стварно не вреди ниту да се споменат – преку политички валкани игри и со помош на споменатите медиумски манипулатори кои до пред само неколку години им се потсмеваа на Вмровците а денес чиниш Питу Гули станале, на секој можен начин манипулираат со фактите и вистината и ги оневозможуваат од СДСМ да започнат процес на демократска промена на режимот, диктатурата, овојпат и преку симулиран и инсцениран посакуван судир со ДУИ. Штета што Сања им помогна во тоа, така триумфално ја објавија режимските парталчиња нејзината зачудувачки жестока критика кон ДУИ, што би се рекло со ништо предизвикана.

Меѓутоа, загрижува и нешто друго. Објективно не постои и не може да се замисли поголем губитнички политички дискурс од оној што бара соработка со диктаторскиот режим, некаква си  кооперативност во име на државни интереси, некакво апстрактно национално единство и слични глупости. Не знам кои грандиозни умови околу новиот, на почетокот надежен лидер на СДСМ,  кои додуше самиот си ги избра, му го наметнуваат тоа, но треба да си како паднат од Марс во Северна за да воопшто и помислиш дека со мицковистичко дпмне, а гледам и со оние од Знам можеш да воспоставиш скандинавски помирлив дискурс на соработка за било што. Само тие што не ги познаваат мицињата, што имале среќа во животот да не работеле со некои од нив кои се претворија во мициња, само тие што не ја знаат нивната политичка пакост, алчност за власт и способност за манипулации (антрополошки, како мицковистичко дпмне да го вади она најлошото кај луѓето) може да помисли дека такво нешто е воопшто можно со нив. Дијалог, соработка… такво нешто не постои во речникот  и делувањето на мицковистичко дпмне освен ако не е стриктно за некаква манипулација или добивка од било каков вид. А впрочем тоа и се докажува секој ден, додека опозицијата насила се турка во периметарот на режимот односно сосила се обидува да се наметне како кооперативен партнер на власта, послушен соработник на режимските политики, кооперативен политички субјект, наводно, нели, во име на непостоечко национално единство. Како што вели еден подостарен апологет на СДСМ – „дијалог а не конфронтација“, „заедничко дејствување“ (! – извичникот е мој), „стабилност и конструктивен пристап, смиреност и умереност“… Господе боже поможи. Додека режимот катадневно извршува брутален политички прогон врз поранешни функционери на СДСМ (и ДУИ), на пример за трагедијата во Кочани, додека брутално ги партизира и најбитните безбедносни институции, се задолжува повторно за да победи триумфално во уште повеќе општини на локалните избори, како што најави еден нивен – тоа веројатно значи само еден-два градоначалници на СДСМ, може Заев во општина Муртино т.е.Ново село, ќе видиме – овие генијалци околу Филипче станале Гандиевци, буквално како ликови од филмот Ганди, тие те тепаат ти викаш ахимса. Во услови на целосна партизација на системот, медиумски мрак, затворена меѓународна перспектива, пропадната економија, сеопфатна окупација на системот на институции и се друго – од замолчаниот НВО сектор до работнички синдикати –  тие таквите, кооперативните од СДСМ, со кооперативност всушност го одржуваат режимот, оваа власт! Дали свесно како дел од наводниот договор Заев-Мицоски или несвесно, тоа не се знае. И навистина не е јасно како додека режимот ја задолжи Државата и секој од нас со милијарда евра, има долг од дури над 60 проценти од БДП  и згора планира да се задолжи со нови дури 6 милијарди евра (!!), со што сосема лесно ќе ги добие локалните избори, тие ќе биле кооперативни со нив, таквите. Наместо со Таравари и ДУИ да го напуштат Собранието и со тоа го делегитимираат режимот, наместо да ги повикаат на помош Amnesty international, Humans rights watch, бројни светски новинарски здруженија за слобода на говорот итн., тие соработка ќе правеле со режимот. Наместо ултимативно да побараат предвремени парламентарни избори со проширена, надградена пржинска влада (директор на МРТВ од опозицијата, мнозинство во ДИК од опозицијата, директор на АВМУ од опозицијата итн.итн.), тие кооперативни ќе биле со режимот. Наместо да започнат кампања која би можела да се нарече „предомисли едно мице“, тие заеднички закони преку Чупеска договараат со режимот!

Сите ние сме Чаци, извикна еднаш Претседателот на Србија, политичкото другарче на оној нашион што е на функција Претседател на Владата на РС Македонија, па  нели заедно пиеја вино на еден вашар т.е. саем. И колку и да е неоснована било каква споредба на политичките и општествените состојби во Северна Македонија со Србија – сето тоа таму е на далеку повисоко ниво – сепак се чини плаузибилна една споредба – таа со Чациленд и нашиот Мициленд (скратено од мициња-ленд). Но, ако таму во Србија, Чациленд беше само еден парк во Белград, овде цела Северна Македонија станува Мициленд, со погоре споменатите процеси и кооперативноста и на новите од СДСМ (оние претходните, така да се каже, им ја подарија власта на дпмне мицковистичко). И во ваква јад и чемер ситуација, доаѓа Каја како надеж за брз интегративен процес и демократска контрола на диктаторскиот режим. Во состојба на целосна доминација на стабилни структури на моќта и власта, во состојба на емпириски верификувана успешна технологија на владеење на режим, во состојба на мошне аматерска и провинциска медиумска логистика на СДСМ каде за успех се сметаат комични панигирики за Филипче од типот на такви што ги пишуваа истите тие за Заев, во тажна реалност на целиот систем на институции како мициленд, а што друго да каже нормален човек освен –  добредојде, Каја!

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини