Невладината организација „Здрава котлина“ побара од претседателката Гордана Сиљановска Давкова да не го потпишува Законот за минерални суровини.
Во објавата на фејсбук невладината апелира до претседателката да не го озаконува она што пратениците во четвртокот го изгласаа во Собранието, бидејќи е уставен преседан.
-Во Собранието мнозинството пратеници го изгласа и потпиша сопствениот морален банкрот. Сега, Вие сте последната легална бариера помеѓу озаконување на корпоративниот апетит на рударите на смртта, наспроти животот на граѓаните. Како правник, знаете дека овој закон не е само еколошка бомба, туку и уставен преседан, стои во обраќањето на „Здрава котлина“ до Сиљановска Давкова.
Тие објаснуваат дека со новиот закон се суспендира приватната сопственост, бидејќи овозможува концесионерот да добие дозвола за работа пред да го реши имотно-правниот спор со сопствениците на земјата.
-Ова е директна повреда на правото на сопственост загарантирано со Уставот. Државата со овој закон се става во служба на приватен, честопати сомнителен офшор капитал, дозволувајќи му да гази врз туѓ имот без финална експропријација. Тоа не е владеење на правото, туку законски дивеење за што државата ќе плаќа, или на сопственикот или на концесионерот, а сериозни конфликти ќе се случуваат на терен поради правната несигурност на приватната сопственост, стои во соопштението од „Здрава котлина“.
Од „Здрава котлина“ појаснуваат дека со олеснување на процедурите за рудниците во плодните котлини, државата свесно го жртвува здравјето на граѓаните за профитот на олигарси, домашни и странски.
-Ваша должност како претседател е да го заштитите овој колективен интерес. Ако овој закон биде потпишан, тоа ќе биде сигнал за општа мобилизација. Партиите кои во 2023 глумеа загриженост на плоштадите во Струмица, вчера го покажаа своето вистинско лице. Но, народот не е во хибернација, изјавија од „Здрава котлина“
Тие предупредуваат дека ако некој им даде дозвола за експлатација со која багерите ќе тргнат кон Иловица и Казандол, дека тогаш патиштата во целиот регион ќе биде блокирани од илјадници семејства.
-Во Струмица се случи да нема чиста вода два месеци поради манган во езерото Турија. Со рудник што ја бара водата од Турија може да замислете што ќе се случи, а за сите останати опасности за што зборувавме со години, изјавија од „Здрава котлина“ .
Тие се обраќаат и до жителите на Гевгелија кои први кажале не на референдум и дека со овој закон ќе се поништи нивната демократска волја. Ги потсетуваат и жителите на Приеп да н дозволат под маската на економски развој да им го украдат правото на чист воздух и вода.
-Овој закон е донесен набрзина, без вистинска јавна расправа, за да се заврши работата пред изборите во 2028 година. Политичките партии се расправаат за тоа чиј е отровот, но граѓаните не прифаќаат ниту грам отровна рударска прашина во својата храна и вода. Бараме од претседателката Сиљановска Давкова да застане на страната на Уставот и народот. Не го потпишувајте указот за овој закон! Не дозволувајте македонската земја да стане сопственост на офшор олигархијата додека земјоделецот се претвора во наемник на сопствената нива, стои во изјавата од „Здрава котлина“.
Според нив доколку претседателката го потпише законот, таа го потпишува уништувањето на Југоистокот.
-Отровот нема знаме и лева или десна идеологија. Идеолошката војна на социјалните мрежи што се виде во комисијата на парламентот и анализите на рударското лоби се само дефокус. Не е битно дали отровот е патриотски или демократски, тој ќе ги уништи подземните води и плодната почва без дискриминација а со тоа неповратно ќе ни ја уништи татковината, стои во соопштението од „Здрава котлина“.