ЕУ: Минатата година беше најсмртоносна за новинарите, ќе продолжиме да ја браниме слободата на медиумите

Демократијата не може да постои без слободни медиуми, а  пристапот до информации и слободата на изразување не се привилегии, туку основни човекови права, стои во изјавата од Европската Унија

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Европски парламент

Европската Унија по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, кој се слави на 3 мај, соопшти дека слободните и независни медиуми се основа на секое демократско општество и дека новинарите мора да бидат заштитени во сите околности.

–Демократијата не може да постои без слободни медиуми, а  пристапот до информации и слободата на изразување не се привилегии, туку основни човекови права, стои во изјавата од Европската Унија

ЕУ предупредува дека насилството врз новинарите се зголемува низ целиот свет, вклучувајќи убиства, повреди, закани, произволни апсења и присилни протерувања. Особено, се нагласува дека новинарките се непропорционално цел на родово базирано насилство, вклучително и онлајн вознемирување.

-Според извештаите, 2025 година беше најсмртоносната година за новинарите на глобално ниво, а убиствата и нападите врз медиумските работници, вклучително и во војната на Русија против Украина, како и во војните на Блискиот Исток, особено во Појасот Газа и Либан и Африка, мора темелно да се истражат, а одговорните да се казнат, соопшти ЕУ.

Унијата  предупредува дека правото на информации е сè повеќе под закана, со зголемени притисоци како што се заплашување и тужби за заплашување (SLAPP), кои поттикнуваат самоцензура кај новинарите.

ЕУ ја осудува репресијата врз новинарите од страна на авторитарните режими низ целиот свет, вклучително и насилството и притисокот во Иран.

-Владите мора да воспостават солидна правна рамка за да ги заштитат новинарите од злоупотреба на судските постапки. Ограничувањето на мрежите на странски дописници денес само остава повеќе простор за ширење на опасни и непроверени информации. Во исто време, одредени канали кои се претставуваат како медиуми шират лажни вести и ги пренесуваат ставовите на властите наместо да ги повикуваат на одговорност. Резултатот е дека граѓаните се сè повеќе изложени на пропаганда и дезинформации, кои се претставуваат како вести, соопшти ЕУ.

Унијата нагласува дека ќе продолжи да го поддржува слободното, плуралистичко и квалитетно новинарство, преку соработка со организации како што се Европскиот фонд за демократија, Обединетите нации и УНЕСКО, како и регионални тела како што се Советот на Европа и ОБСЕ.

-И во рамките на своите граници и на глобално ниво, ќе продолжиме да ја браниме слободата на медиумите и правата на новинарите, изјавја од ЕУ.