Интервју со Андреева: Линеарното зголемување на платите и пензиите не секогаш води кон најправедна распределба на средствата

Линеарното зголемување на платите и пензиите на прв поглед може да звучи правично, бидејќи сите добиваат ист номинален износ. Сепак, во систем во кој придонесите се пресметуваат процентуално од платата, ваквиот пристап не секогаш води кон најправедна распределба на средствата, вели Андреева за „Локално“

од Vladimir Zorba
488 прегледи Фото: Сојуз на Стопански комори на Македонија

За клучните даночни и економски предизвици – од двојното оданочување на граѓаните кои работат во странство, преку високото оптоварување на трудот и ефектот врз конкурентноста на компаниите, до прашањата за минималната плата, линеарното усогласување на пензиите и мерките потребни за сузбивање на сивата економија и „платата во плик“ разговараме со Александра Андреева од Комората на сметководители.

Многу граѓани и студенти кои работеле во странство обвинија дека биле двојно одданочени. Што значи двојно одданочување и дали, доколку навистина се случи, граѓаните имаат право на обештетување?

-Двојно одданочување значи ситуација кога ист приход на едно лице се оданочува во две различни држави – во државата каде што е заработен приходот и во државата каде што лицето е даночен резидент, во овој случај Македонија. Вообичаено, ваквата ситуација не треба да се случува, бидејќи постојат меѓународни договори за избегнување на двојно одданочување, како и домашни законски механизми кои овозможуваат заштита на граѓаните. Тие механизми предвидуваат дека данокот што е веќе платен во странство може да се признае и да се одбие од даночната обврска во Македонија. Во пракса, проблемите најчесто произлегуваат од административни пропусти, како што се недоставување на доказ за платен данок во странство, непријавување на приходот или различно толкување на даночните правила меѓу државите. Доколку некој граѓанин навистина платил данок двапати поради техничка грешка или неправилна примена на прописи, тогаш постои законска можност да се побара корекција и поврат на повеќе платениот данок, согласно постапките пред даночните органи. Затоа, суштината е дека системот предвидува заштита од двојно одданочување, но клучно е правилно и навремено пријавување на приходите и доставување на потребната документација.

Работодавачите се жалат дека придонесите за здравствено и пензиско осигурување во Македонија се повисоки во споредба со другите земји во регионот. Дали треба да се намалат придонесите и дали тие влијаат врз конкурентноста на домашните производи?

-Оваа тема одамна е предмет на јавна и економска дебата. Ефективното оптоварување со придонеси и данок на личен доход кај нас изнесува околу 50% во однос на нето платата, што е релативно високо во споредба со земјите во регионот. Како економист, но и од аспект на работодавач, сметам дека ова претставува значаен товар за компаниите и често делува како ограничувачки фактор за побрз раст на платите, како и за зголемување на конкурентноста на фирмите. Повисоките трошоци за труд директно влијаат врз вкупните трошоци на работење и можат да се одразат и на ценовната конкурентност на производите и услугите, особено во трудоинтензивните сектори. Во минатото имаше мерки за ослободување од придонеси при зголемување на платите, кои беа добро прифатени од бизнис заедницата и дадоа конкретни резултати во насока на зголемување на нето платите и формализација на вработувањата. Во таа насока, сметам дека можеби треба повторно да се размислува за слични политики – не нужно преку директно намалување на придонесите, туку преку таргетирани мерки кои ќе го стимулираат растот на платите, ќе ја поттикнат формалната економија и ќе ја подобрат конкурентноста на компаниите.

Можете ли да објасните колку изнесуваат придонесите за минимална плата од 26.000 денари, односно колкав износ работодавачот уплаќа во ПИОМ и Фондот за здравствено осигурување?

-Новата минимална плата во Македонија изнесува 26.046 денари нето, односно 38.507 денари бруто износ. Ова значи дека работодавачот не ја исплаќа само нето платата на работникот, туку има и дополнителни законски обврски кон државата по основ на придонеси и данок. За една ваква плата, треба да се плати придонес за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) од 7.239 денари, придонес за здравствено осигурување 2.888 денари, придонес за осигурување во случај на невработеност 462 денари, дополнителен придонес за повреда при работа и професионално заболување 193 денари, данок на личен доход 1.679 денари. Вкупно, придонесите и данокот изнесуваат 12.461 денар по вработен со минимална плата. Овие податоци покажуваат дека секоја исплатена минимална плата значително го оптоварува работодавачот, но истовремено претставува и основа за финансирање на пензискиот, здравствениот и социјалниот систем во државата.

Дали сметате дека линеарното зголемување на платите и пензиите е соодветен модел, имајќи предвид дека придонесите се пресметуваат процентуално од платата?

-Линеарното зголемување на платите и пензиите на прв поглед може да звучи правично, бидејќи сите добиваат ист номинален износ. Сепак, во систем во кој придонесите се пресметуваат процентуално од платата, ваквиот пристап не секогаш води кон најправедна распределба на средствата. Имено, кај повисоките плати истото зголемување има помало влијание врз животниот стандард, додека кај ниските примања секој дополнителен денар е значително поважен за покривање на основните трошоци. Од друга страна, процентуалниот систем на придонеси природно создава разлики во уплатите и во идните права, што дополнително ја комплицира еднаквата примена на линеарни мерки. Затоа, сметам дека е потребен балансиран и внимателно осмислен пристап при донесување на одлуки за раст на платите и пензиите. Таквиот пристап треба да ја земе предвид и социјалната димензија – заштита на најранливите категории граѓани – но и економската одржливост на системот, за да не се наруши неговата стабилност на долг рок.

И покрај напорите на државата за сузбивање на сивата економија, работата на црно и исплатата на плати во плик и натаму се присутни. Што треба да се преземе за да се зголеми пријавувањето на работниците и да се спречи ваквата практика?

-Борбата со сивата економија не може да се добие исклучиво преку казнени мерки, туку бара воспоставување на фер, стабилен и долгорочно одржлив економски систем. Клучен чекор во таа насока е намалување на даночниот товар на трудот, како и редуцирање на парафискалните давачки кои значително го оптоваруваат стопанството и ја намалуваат мотивацијата за формално вработување. Паралелно со тоа, неопходно е воведување на стимулативни мерки за вработување и раст на платите, со цел работодавачите да имаат економски интерес да ги пријавуваат работниците, наместо да прибегнуваат кон неформални практики. Дополнително, системот на инспекциски надзор треба да биде засилен, но пред сè непристрасен, професионален и целосно неселективен, за да се врати довербата во институциите и да се обезбеди еднаков третман за сите субјекти. Особено значајна е и заштитата на работниците кои ќе пријават неправилности. Без реални механизми за анонимност и сигурност од последици, пријавувањето на злоупотреби останува ограничено. Затоа, државата мора да гарантира ефективна правна и институционална заштита за овие лица. Кога формалното работење ќе стане економски поисплатливо, правно побезбедно и институционално посигурно од неформалното, тогаш практиките како „плата во плик“ и непријавена работа природно ќе се сведат на минимум. Само преку комбинација на економски стимули, институционална дисциплина и заштита на работничките права може суштински да се намали сивата економија.

Дали зголемувањето на прагот за оданочување од 2 на 4 милиони денари ќе претставува олеснување за малите бизниси и дали може да придонесе за поттикнување на отворање нови компании во државата?

-Зголемувањето на прагот од 2 на 4 милиони денари може да претставува значајно олеснување за малите бизниси. Тоа им овозможува поголема ликвидност, намалување на административните обврски и повеќе простор за раст во почетните фази од работењето. Во таа насока, ваквата мерка може да делува стимулативно и да придонесе за поттикнување на отворање нови бизниси, особено кај малите и средните претприемачи, што и претходно повеќепати било предмет на дискусии и барања во јавноста. Сепак, за да се постигне вистински и долгорочен ефект, ваквата мерка треба да биде дел од поширок пакет реформи. Потребни се стабилна и предвидлива регулатива, едноставни и брзи административни процедури, како и одржлив и фер даночен систем. Само во такви услови претприемачите ќе имаат доволна сигурност и доверба за да инвестираат, да се развиваат и да планираат долгорочно.

Б.С.

Слични содржини