Седумтемина кои завчера беа приведени за обидот за опожарување на синагогата и објектот на Еврејската заедница во Скопје според Агенцијата за национална безбедност (АНБ) се дел од радикална група поврзани со Исламска држава.
Во соопштението од АНБ стои дека Агенцијата презела оперативно-технички и аналитички мерки и активности за идентификување на мотивите и непосредните извршители на обидот за опожарување на објектот на Еврејска заедница.
-Се прибраа информации и беа идентификувани лица – најверојатни извршители и нивна логистичка мрежа, како и повеќе објекти во Скопје, кои според нашите индиции, како дел од радикална групација идеолошки надоврзани на глобалната мрежа на Исламска држава, непосредно по повикот на споменатата терористичка организација од почетокот на април, презедоа насилни активности, соопшти АНБ.
Завчера Министерството за внатрешни работи во соработка со АНБ а по наредба на ОЈО за ГОК изврши претреси на 13 локации во Скопје, поврзани со обидот за опожарување на објектот. Од полицијата соопштија дека се приведени седум лица, кај кои се најдени предмети и технологија поврзани со обидот за палење на синагогата.
– Остануваме посветени на планот на превентивно делување и попречување на ризици и закани по националната безбедност преку навремено обезбедување на информации и преземање на активности во соработка со други надлежни институции од земјава, соопшти АНБ