Кога Русија зависи од Кина тоа е проблем за САД, вклучително и во областа на нуклеарната безбедност, затоа Вашингтон сака да ги подобри односите со Москва, изјави државниот секретар Марко Рубио во интервју за „Breitbart News“, со тоа оправдувајќи го приближувањето меѓу двете, досега скарани супересили.
За Рубио и новата администрација во Вашингтон, односите меѓу Русија и Кина не треба да бидат толку блиски. САД треба да спречат нивно понатамошно приближување, но без да се предизвика раздор меѓу соседите што поседуваат нуклеарно оружје.
-Не знам дали некогаш целосно ќе успееме да ја одделиме Русија од Кинезите. Исто така, мислам дека ако Кина и Русија останат во цврста прегратка, тоа нема да биде добро за глобалната стабилност, бидејќи двете се нуклеарни сили. Потесните врски меѓу Кина и Русија ќе претставуваат проблем за Вашингтон доколку Москва стане „постојан помлад партнер“ на Пекинг, бидејќи тогаш двете нуклеарни сили би се спротивставиле на САД. Можеме да се најдеме во ситуација кога, без разлика дали Русија сака да ги подобри односите со САД или не, таа нема да може да го стори тоа, бидејќи, откако ние ја отсековме, станала целосно зависна од Кинезите. За нас е подобро да имаме односи (со Русија), појасни Рубио.