Попладнево полицијата ги приведе бизнисменот и поранешен директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јаоски.
Овие дејствија се во рамки на истрагата за сомнителни набавки на деривати и сериозна штета на државниот буџет, како и на здравјето на граѓаните. Засега, не се објавени дополнителни детали и не е познато кои конкретни кривични дела му се припишуваат на Капушевски и Јаоски.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврди дека доцна попладнево под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР се извршуваат претреси на повеќе локации низ државава.
Акцијата исто е потврдена и од МВР.
„Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при БЈБ, МВР во координација со ОЈО за ГОКК по Наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати, штета од големи размери за буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето“, информираат од МВР.
Според информации од полицијата и ЈО, уште десетина луѓе се опфатени во оваа истрага, а меѓу нив се ексдиректорите на државната ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство поради друга истрага кон него, како и Адријан Муча и други лица вработени во ЕСМ, но и од фирмите кои наводно нелегално набавувале и доставувале деривати.
Првичните информации, велат дека се работи за огромна сума од околу 10 милијарди денари (околу 160 милиони евра) испумпани преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на сомнителни горива.